После фијаското со самозапалување и експлозија на батериите, дали Galaxy Note серијата на Samsung има и натаму уште фанови и следбеници? Според Samsung има и затоа тие преправените (refurbished) Galaxy Note 7 единици веројатно ќе ги продаваат како Note 7 FE, а кратенката ќе се однесува на Fandom Edition, односно едиција за фановите.

Но, дури и да нема многу фанови на Note 7 (иако, надвор од батеријата, се работеше за веројатно најдобриот смартфон во своето време, а меѓу најдобрите и денес), Samsung со ова дефинитивно сака да покаже дека мисли и на оние малку останати фанови на брендот, откако буквално ги натера да ги вратат своите телефони назад.

Новиот модел однадвор ќе изгледа подеднакво како и нормалниот Galaxy Note 7, што значи дека ќе има 5,7 инчен дисплеј со Quad HD резолуција. Внатре ќе се вградува Exynos 8890 чипот на Samsung, кој и натаму е еден од најмоќните на пазарот и тој ќе биде помогнат од 4 GB рам меморија и 64 GB простор. Задната камера и натаму ќе има 12 мегапиксели.

Сепак, промена ќе има во батеријата, која најверојатно ќе има за околу 200 mAh помал капацитет, со цел да се избегне опасноста од експлозии, бидејќи како што Samsung откри, проблемот бил токму во неа, односно преголемиот капацитет во премалиот простор во куќиштето. Толку помал капацитет не би требало да има преголем удар на траењето, но сигурно ќе одземе околу 2 часа.

Се уште не е познато кога овие уреди ќе се најдат во продажба и дали воопшто ќе ги има на европскиот пазар и кај нас, но се очекува цената да е двојно пониска од таа кога беше лансиран Note 7, односно да изнесува прилично компетитивни 450 долари.

Извор: CNET, Techno Buffalo, Daily Tech

Претходна статијаТехнологијата за препознавање на гласовни команди на Google има стапка на грешка од само 4,9%
Следна статијаПротече тајниот правилник на Facebook за справување со несоодветна содржина