Најновиот смартфон од високата класа на Samsung донесе голем број на новитети, од кои некои исклучително импресивни. Сепак, во цела таа мешаница на нови технологии, некои беа пропуштени во првата најава, како на пример еден многу важен детал за оние кои сакаат да поделат музика на својот паметен телефон – Bluetooth 5.0.

Сигурно многу пати сте се нашле во ситуација да треба да поделите слушалки со некого, најчесто својот партнер. На пример, лично многу пати сум делел слушалки со партнерката за да можеме заедно да гледаме филм во авион, што секако не е идеално, бидејќи звукот се слуша само на едното уво, а сите знаеме колку се бучни авионите. Од друга страна, скоро ниту еден преносен уред нема два 3,5 mm излези за слушалки.

Galaxy S8 и S8+ ќе бидат првите смартфони кои ќе го овозможат тоа, преку Bluetooth 5.0 Dual Audio. Секако, за да можете да приклучите два пара безжични слушалки ќе мора да имате и Bluetooth 5.0 слушалки, но сигурен сум дека такви ќе има набрзо на пазарот. Со Bluetooth 5.0, Samsung не само што внесува нова технологија, туку на некој начин му покажува на Apple како се прави вистински добра поддршка за безжични слушалки. Да потсетиме, Galaxy S8 и S8+ имаат и 3,5 mm излез за класични слушалки.

Покрај можноста да пушти безжично музика на два пара слушалки, Bluetooth 5.0 ќе овозможи и постабилна конекција на многу поголеми далечини – до околу 300 метри, што е извонреден резултат. Исто така, брзината на пренос на податоци ќе биде многу поголема, односно до 2 Mbps.

Извор: TechRadar, Forbes, The Verge

Претходна статијаНетрпеливите ќе можат да го симнат Windows 10 Creators Update уште на 5 април
Следна статијаКако фитнесот и технологијата станаа компатибилни