Многумина не го замислуваат Facebook како играч во секторот на хардверски уреди, но факт е дека тие веќе подолго време работат на влез во овој сектор. Сега на виделина излезе нов патент од Facebook, кој покажува модуларен уред на кој ќе можат да му се менуваат компонентите, односно ќе може да го надградувате со подобри компоненти во иднина.

Она што не е јасно е за каков уред се работи. Тоа што го гледаме на скиците сигурно не личи на смартфон, но модулите би можеле да се изведат и така. Доколку се работи за смартфон, тој би бил сличен на Google Ara модуларниот телефон, на кој ќе може буквално да му се сменат сите делови, односно да му ставите подобар дисплеј, побрз процесор, подобра камера итн.

Шпекулациите дека се работи на смартфон добиваат особено на тежина благодарение на информациите од Business Insider, според кои дел од Google Ara тимот е вработен во Facebook токму со цел лансирање на модуларен паметен телефон. Јас овие информации би ги земал со мала задршка, но Facebook дефинитивно „крчка“ некој хардверски продукт.

Сепак, на крај може да испадне дека овој уред е паметен звучник, но во тој случај не е јасно зошто би бил модуларен. Кај паметните звучници и нема што многу да се надградува – промена на звучникот нема да придонесе за многу подобар звук доколку не се промени големината на кутијата, а процесорот во тој случај не е особено важен.

Извор: The Next Web, Business Insider, Futurism

Претходна статијаПротекоа првите „рендери“ од Galaxy Note 8, дизајнот е сличен на S8-ките
Следна статијаLenovo покажа таблет кој може да се свитка и претвори во смартфон