Се наближува времето кога апсолутно секој уред, односно предмет кој го носиме на себе ќе биде паметен. Ваква иднина барем ни најавуваат Vue очилата, кои се очила со диоптер (достапни и како очила за сонце) и неколку паметни можности. Тие се моментално Kickstarter кампања и според она што имаат да понудат, би можеле да бидат успешни на пазарот.

Имено, тие можат да направат многу работи за кои досега требаа повеќе уреди. На пример, можат да ги следат фитнес активностите на корисникот и да се слуша музика преку нив. Интересно, во нив нема вградено класични слушалки – музика ќе се слуша преку кондукција на коската на черепот на главата (оваа технологија постои веќе подолго време). Чувството ќе биде како да ви свири музика „во мозокот“ и притоа ќе може да ја слушате и околината.

Потоа, овие очила можат да се користат за правење повици, за слушање на навигацијата – одлично за оние на велосипед или во автомобил, за известување за нови нотификации од Вашиот паметен телефон итн. Очилата ќе се полнат безжично и ќе траат до 7 денови со едно полнење, што е уште една позитивна карактеристика.

Vue очилата инаку ќе бидат достапни како очила со диоптер, но и како очила за сонце за оние кои немаат проблем со видот. Сепак, изборот на вистинскиот диоптер онлајн може да биде вистински кошмар, иако почетната цена од 159 долари (во преднарачка, подоцна 179 долари) реално и не е толку висока со оглед на тоа што имаат да го понудат.

Извор: The Verge, Forbes, Kickstarter

Претходна статијаHyperloop започна да ја гради првата патничка кабина
Следна статијаДубаи ќе го добие првиот 3D испечатен облакодер