Сите ние сакаме да патуваме низ светот, но често се случува заради недоразбирање дури и да залутаме некаде. Во моментов, има технологии како Google Translate кои можат да помогнат, но истите се многу бавни во преведувањето и не работат најдобро со говорни команди.

Еден нов стартап од Австралија наречен Lingmo, зад кој стои човек кој претходно работел како водоводџија, има решение за ваквите случаи.

Се работи за паметни слушалки кои можат да го преведат тоа што го слушаат. На пример, кога разговарате со некој странец, слушалките во живо ќе го преведуваат тоа што го слушаат на јазик кој вие го разбирате и потоа ќе ви кажат како да се изразите кога вие ќе сакате да кажете нешто.

За да го постигнат ова, слушалките користат технологија за машинско учење од IBM наречена Watson, за која пишувавме претходно директно од предавањето на нејзиниот креатор Гурудут Банавар.

За таа цел, слушалките мора да бидат константно поврзани на интернет мрежата, што може да биде ограничувачко во странство, но од друга страна благодарение на ова тие не мораат да бидат поврзани со вашиот паметен телефон.

Инаку, за да преведат говор нив им требаат околу 30 секунди и тоа за реченици долги 15 секунди, а тоа го извршуваат со респектабилни 85% точност. Засега тие поддржуваат осум јазици: Англиски (американски и оригинален англиски), Шпански, Француски, Германски, Португалски, Јапонски и Кинески.

Цената на чинење на TranslateOne2One слушалките е 179 долари во САД, што навистина не е многу за оние кои често патуваат. Сепак, иако Watson е веројатно најнапредната технологија за машинско учење (вештачка интелигенција), особено во делот на препознавање на говор, јас би бил претпазлив пред да потрошам толку пари на вака револуционерен производ.

Извор: Business Insider, Telegraph, Independent

Претходна статијаAV-TEST.ORG – најдобрите антивирус апликации за Android
Следна статијаSamsung ќе го претстави Galaxy Note 8 на 26 август?