sas_7012

На самитот организиран од невладината организација Macedonia 2025 имавме можност да присуствуваме на говорот на еден од главните луѓе во моментов за развој на „Вештачка Интелигенција“ во светот, Гурудут Банавар „Гуру“, кој работи во IBM на нивниот напреден систем Watson, поточно е Вице Претседател за Когитивни Компјутери во IBM Research.

Но, што е вештачка интелигенција и како може да се искористи? Дали нејзиниот развој значи дека ние луѓето треба да бидеме загрижени бидејќи таа ќе биде подобра од нас? Загриженоста, особено кај оние кои не се запознаени со тематиката е прилично голема. Дали има причини за таква загриженост веројатно допрва ќе откриваме, но Гурудут ни претстави една прилично позитивна слика за тоа што значи вештачката интелигенција за нас и како ќе го направи човештвото подобро.

Човештвото е на прагот на нова револуција
Човештвото досега има направено многу револуции, кои особено зачестуваат по индустриската револуција и парните машини. Потоа, доаѓаат пронаоѓањето на челикот, електричната енергија и автомобилите, а последна поважна револуција е развојот на телекомуникациите и следствено на тоа, интернетот.

sas_7045

Сите досегашни револуции имаат шема, односно се случуваат на 50-70 години. Според тоа, ние сме на почетокот на нова револуција, на револуција во која компјутерите ќе имаат подлабоки и драматично помоќни можности. Револуцијата на вештачката интелигенција. Оваа револуција можеме да ја видиме дури и во многу продукти и сервиси насочени кон приватниот корисник – многумина од нас веќе ги користат Google Now, Cortana и Siri на нашите смартфони или компјутери.

Зошто ни е потребна вештачка интелигенција?
Светот денес е исклучително многу зависен од компјутерите и комуникацијата меѓу нив. Човештвото креира преку 2,5 ексабајти (2,5 квинтилиони бајти!) податоци секој ден и 90% од сите податоци на интернет мрежата се креирани последниве две години. Ова значи дека креирањето на податоци расте експоненцијално, односно секоја година се покачува бројот на креирани податоци со забрзан раст.

Поради толкавиот број на податоци, светот сега има една голема пречка пред него – обработка на податоците и нивно искористување. Ние луѓето секако не сме способни за обработка на толку многу информации. Не знаеме да го искористиме тоа знаење и сме многу бавни во решавањето на проблемите.

sas_7069

Како пример, Гуру ги даде здравствените системи, кои се одличен показател за слабо искористување на податоците. Со нашите паметни телефони и сите вградени сензори во нив, ние секојдневно креираме податоци за нашето здравје. Телефонот знае колку се движиме, колку спиеме, колку седиме, како седиме или лежиме, каков воздух дишеме, во каква клима функционираме, каква вода пиеме итн.

Во блиска иднина ќе имаме и таканаречени електронски тетоважи, кои ќе ги носиме на себе и ќе контролираат многу повеќе работи во нашиот организам, како отчукувања на срцето, притисок, шеќер во крвта и дури и целосни крвни анализи. Ваквата технологија е зад аголот и истата би можела драматично да го подобри нашето здравје.

Сето ова се податоци кои за жал се уште не се користат од здравствените установи. И причината за тоа е едноставна – нема кој да ги обработи. Замислете вашиот доктор да треба на секој свој пациент да прави анализи на податоците што ги добива од неговите паметни уреди. Дури и со помош на компјутер, на докторот ќе му треба исклучително многу време да воспостави дијагноза доколку нешто не е во ред со неговиот пациент. Токму тука стапува вештачката интелигенција.

Што е вештачка интелигенција?
Но, што е вештачка интелигенција? Дали е тоа компјутер кој може да размислува и зборува исто како и човекот? За многумина, тоа е првото што го помислуваат кога ќе се спомне терминот. Сепак, вистината не е толку едноставна. Засега, системите за вештачка интелигенција се напредни алгоритми кои сами можат да го подобруваат своето знаење со текот на времето.

На пример, може да се развие компјутер со вештачка интелигенција кој ќе учи медицина. Потоа, овој софтвер може да се искористи за обработка на сите податоци кои ги спомнавме погоре и со нив, самиот да воспоставува дијагнози. Најдоброто од се е што вештачката интелигенција станува подобра со текот на времето, бидејќи добива повеќе информации. А како што веќе кажавме погоре, човештвото забрзано ќе продолжи да креира податоци и информации.

sas_7017

Компјутерите со вештачка интелигенција нема да функционираат со „точно“ и „неточно“. Едноставно, тие ќе репрезентираат знаење исто како и луѓето. Ќе покажуваат идеи и размислувања, стекнати со помош на препознавањето на шеми во информациите кои ги имаат собрано.

Одличен пример за вештачка интелигенција е примената на IBM Watson на веб сајтот на “The North Face”, производител на зимска опрема. На линкот буквално ќе може да разговарате со Watson како со некој продавач и тој веднаш ќе ви предложи јакна која е идеална за вас и условите во кои живеете. И сето тоа ќе го направи побрзо од било кој продавач или пак од времето кое ќе го потрошите бирајќи најразлични филтри на производи.

Машините ќе мора да работат заедно со луѓето
Погоре рековме дека Гурудут ни претстави прилично позитивна слика за вештачката интелигенција. Причината за тоа е што според него, таа ќе може да функционира само заедно со луѓето, но не и самата за себе. Тоа е така зошто ние луѓето имаме многу широко познавање, односно таканареченото “common sense”, кое не е егзактно знаење, но ни овозможува полесно донесување одлуки.

sas_7082

Заедно со вештачката интелигенција и нејзината можност за длабока обработка на податоците на секој зададен проблем, ние уште полесно би можеле да дојдеме до најдоброто можно решение. Вештачката интелигенција би можела да ни даде подлабок увид во проблематиката на која работиме, нешто што на нас би ни одземало многу подолго време.

Според Гуру, вештачката интелигенција ќе го направи животот на работникот полесен и попродуктивен, со многу помалку стрес. Исти вакви придобивки ќе имаат и обичните луѓе, кои со помош на вештачката интелигенција ќе можат полесно да донесуваат секојдневни одлуки. Всушност, соработката меѓу човекот и вештачката интелигенција ќе овозможи тие да се подобруваат меѓу себе.

Што е IBM Watson?

Watson е когнитивна технологија, која со помош на вештачка интелигенција овозможува персонализирани препораки преку препознавање на личноста, тонот на зборувањето и емоциите. Оваа технологија може да анализира и интерпретира податоци, како на пример неструктуриран текст, слики, видеа и аудио.

watson-logo

Системот може да се надгради, односно да учи според потребите на корисникот. На пример, може да се специјализира за здравство и медицина, како што зборувавме погоре, но може да се специјализира и во економија и финансии или пак било која друга област. Watson е отворен систем и благодарение на тоа може да се вгради во мноштво апликации и дури и роботи.

Главната карактеристика на Watson е што учи со текот на времето, односно со промената на податоците и информациите на интернетот. Така, за разлика од класичните компјутери и софтверски решенија, кои секогаш го даваат истиот резултат на една зададена команда, Watson ќе дава различен одговор на истото прашање.

Примери за можностите на Watson
Во следните видеа може и визуелно да ги видите можностите на системот за вештачка интелигенција на IBM. Прво, како доказ за неговата моќ, тој победува во квизот “Jeopardy” и тоа против најдобрите играчи. Во овој квиз, играчите треба да дадат најдобри можни прашања на веќе дадени одговори, што е извонредно тешка работа за компјутер, односно 10 пати потешко од компјутерот што го победи Каспаров во шах.

Второто видео покажува како IBM Watson може да се искористи за помош во медицинската нега на пациентите, благодарение на неговата моќ за длабока анализа на податоците.

Најинтересното видео, кое најдобро може да ја долови вештачката интелигенција е со Pepper the Robot. Овој робот е на компанијата SoftBank Robotics и истиот ја користи моќта на IBM Watson. Преку разговорот со него може најдобро да се види какви се когнитивните можности на Watson за препознавање на природниот говор на луѓето и дури и на начинот на кој зборува неговиот соговорник.

И независно од тоа колку од нас се уплашени од пристигнувањето на вештачката интелигенција, очекувајте многу вакви роботи во иднина да има во банките, продавниците или секаде каде се врши некоја услуга. Роботите ќе бидат многу поефикасни во завршувањето на работата и поодговорни. А бидејќи ќе знаат ако сте нерасположени, ќе се обидат дури и да ве расположат, колку морничаво и да звучи сето тоа.

Претходна статијаSamsung: Galaxy S7 и S7 Edge немаат опасност од експлозија на батеријата
Следна статијаИзвршниот директор на Microsoft Сатја Надела враќа со потсмев на Apple и нивниот iPad Pro