Uncut Gems: Нема да гледаш понапнат филм годинава

Адам Сендлер дефинитивно е интересна појава

Последниве неколку години, имам впечаток дека секој филм во кој што глуми Адам Сендлер е катастрофа. Веројатно не сум далеку од вистината. Интересно е што кога ќе му се погоди некоја улога, сфаќаме за какво глумчиште станува збор. Еден таков пример е Панч Дранк Лав, филм во кој глуми и починатата легенда Филип Сејмор Хофман. Таму Сендлер ја има улогата на неговата кариера. Се додека не се случи Анкат Џемс.

Џемс ја следи приказната за Хауард (Сендлер), лик што се занимава со препродавање на фалсификуван накит и часовници и секакви други украдени или сомнителни предмети. Држи дуќан во Њујорк и има навика да се коцка со огромни облози. Хауард некако стига до еден скапоцен камен („4-5 илјади карати“) за кој вели дека вреди околу милион долари. Случајно, во моментот кога поштарот му го доставува каменот во дуќан, таму доаѓа и НБА суперѕвездата Кевин Гарнет.

Сендлер се чувствува повикан да му го презентира каменот на Гарнет, а овој е толку воодушевен од него што сака да му го купи на лице место. Но, Хауард го има ветено каменот на аукција и не може да му го продаде. Сепак, Гарнет го убедува Хауард да му го позајми каменот на некој ден, барем да го има за вечерашната утакмица („Сигурно ќе дадам 40 или 50 коша со ова вечер“). Како гаранција, тој му го остава својот шампионски прстен од 2008 година.

После ова доаѓаат едни од најтензичните час и половина што сум ги гледал на филм. Не дека има многу акција, тепачки, пукање и сл. Нема воопшто, освен по некоја заушка, шамар и пукнат нос. Тензијата доаѓа од начинот на кој е снимен филмот, брзите дијалози, надвикувањата на повеќе ликови кои зборуваат истовремено и агресивноста на Хауард, кој се обидува да враќа долгови со влегување од еден во нареден долг. Во меѓувреме, над глава му виси лихварот Арно, со двајца насилници што едвај чекаат да го претепаат Хауард.

Верувајќи во вредноста на каменот и знаејќи дека е кај Гарнет, Хауард става огромни облози дека тој ќе даде одреден број на кошеви и дека Бостон Селтикс (тимот за кој играше Кевин Гарнет) ќе го победи својот противник. Инаку сцените од утакмиците се сцени од плејоф серијата меѓу Селтикс и Филаделфија од 2012 година.

Да се вратам на Сендлер. Мислам дека ова е неговата најдобра изведба досега. Не знам зошто не добива повеќе вакви улоги. Можеби и ги одбива. Ги заслужи сите пофалби што ги добива од разни страни.

Џемс е непријатен за гледање. Ќе ве остави малку психички изморени на крај, но благодарни што сте гледале еден одличен филм.

Претходна статија31-ви март се најавува како можна дата за претставување на поевтиниот iPhone модел
Следна статијаGalaxy Fold 2 може да биде претставен на почетокот од летото со предна камера под екранот