Минатата година повеќе пати можевме да прочитаме дека Apple ја планира втората генерација од нивниот поевтин iPhone кој го носеше името iPhone SE. Овој телефон треба да ја подобри позицијата на компанијата на пазар кој има огромен број на продажби во неговата средна и средно висока класа.

Bloomberg на почетокот од оваа година излезе со информации дека производството на новиот iPhone треба да почне во февруари, по што ќе биде официјално претставен во март. Иако подоцна излезе информацијата дека производството може да биде доведено во прашање поради Коронавирусот во Кина, сепак сега повторно се излегува со неофицијални најави за одржување на настанот од страна на Apple.

Овој пат информациите доаѓаат од германскиот сајт iphone-tracker (преку TNW) и според истите Apple го планира својот настан за 31-ви март, по што продажбата на уредот ќе почне од 3-ти април.

Овој уред, без разлика како ќе биде наречен, се очекува да го има моментално најновиот чип од Apple, односно тој што се користи во iPhone 11 телефоните. Тоа значи дека корисниците може да очекуваат стандардни перформанси од еден iPhone претставен во 2020, без разлика на пониската цена.

Пониската цена сепак ќе повлече со себе одредени „недостатоци“ во споредба со поскапите модели. Екранот нема да биде OLED, а и ќе биде нешто помал. Уште поважно, нешто што може да е проблем за некои, но предност за други, дизајнот на телефонот ќе биде како кај веќе старите iPhone 8 телефони.

Како и да е, цената од 400 долари која се најавува, е секако доста ниска како за iPhone уред, па сигурно доста корисници кои сакале да се префрлат на оваа платформа, меѓутоа тоа не го направиле поради високите цени на главните урди, сега тоа ќе може да го направат.

ИЗВОРTNW
Претходна статијаКомплицираниот однос на нуклеарните централи и климатските промени (1/2)
Следна статијаUncut Gems: Нема да гледаш понапнат филм годинава
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.