Apple обично претставува нови телефони во есен, а оваа година може да се каже и дека посебно ги исчекуваме овие модели, кои се надеваме дека ќе имаат нешто поразличен дизајн, а посебно дека ќе го тргнат исечокот од горната страна на екранот или барем да го намалат.

Сепак, за оваа година веќе неколку пати можевме да прочитаме дека Apple планира и дополнителен модел којшто може да биде претставен порано од другите, модел кој треба да е и поевтин.

Таков модел порано беше iPhone SE, па најавите се дека Apple ќе ја претстави втората верзија од овој телефон.

Bloomberg излезе со информации од свои извори, кои наводно се запознаени со случувањата, дека Apple веќе има нарачано да се започне со производството на овој уред и тоа треба да почне идниот месец, односно во февруари.

Претставувањето на телефонот, според овие информации, треба да се очекува во март.

Какво и да биде името на овој уред, тоа што се најавува веќе неколку пати, а и сега од страна на Bloomberg, е дека дизајнот на овој уред ќе биде како на последните телефони пред iPhone X, односно iPhone 8.

Тоа значи дека уредот ќе има стандардни рамки, ќе нема исечок на горната страна, а доле ќе биде достапно и старото Home копче, на кое ќе биде поставен сензорот за отпечатоци, односно овој уред ќе дојде со Touch ID и нема да има Face ID.

За разлика од претходниот поевтин iPhone, овој нема да има до толку мал екран, односно ќе има екран со големина од 4,7 инчи. Тоа за денешно време како и да е делува доста мало, па најверојатно сепак луѓето ќе се одлучуваат за овој телефон поради неговата цена.

Цената на претходниот ваков модел, односно на iPhone SE беше 399 долари, меѓутоа нема информации која би можела да биде цената на овој нов уред. Очекувањата се дека ќе биде нешто слична, ако не и иста.

Тоа што е добра вест за овој уред е што се најавува дека ќе дојде со моментално најновиот чип од Apple, A13, којшто се користи во iPhone 11 моделите. Тоа значи дека од телефонот, иако нешто поевтин, ќе може да се очекуваат одлични перформанси, а посебно кога ќе се земе во предвид оптимизацијата на iOS.

ИЗВОРPhoneDog
ИЗВОР 2Engadget
Претходна статијаНовата Стратегија на САД за развој на вештачка интелигенција
Следна статијаТелефонот на Џеф Безос наводно хакиран од страна на Саудиска Арабија
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.