Shutterstock.com

Познатиот медиум The Guardian оваа недела излезе со ексклузивна сторија во која откриваат како сопственикот на Amazon Џеф Безос бил предмет на хакирање на неговиот телефон од страна на престолонаследникот на Саудиска Арабија Мохамед бин Салман.

Поврзаноста на Безос со оваа земја и нејзиниот принц доаѓа поради сопственоста на Washington Post од страна на Безос каде што работеше и пишуваше саудискиот колумнист Џамал Кашоги.

Овој колумнист пишуваше доста критички за владејачкото семејство во Саудиска Арабија, а му стана познат на целиот свет кога беше убиен во амбасадата на оваа земја во Турција. Убиството беше препишано на луѓе блиски до принцот на Саудиска Арабија, кој секако дека го негираше истото, по што следеше тајно судење на повеќе лица кои на крајот добија смртна казна. Одговорноста за убиството на Кашоги беше префрлено на овие луѓе за кои се тврди дека дејствувале независно од принцот.

Месеци пред овој случај Џеф Безос и принцот биле во комуникација преку WhatsApp, апликација која овозможува тајни, шифрирани разговори. Според информациите на The Guardian, на Безос му бил испратен видео фајл од страна на Мохамед бин Салман по што бил добиен пристап до телефонот. Голем број на податоци биле симнати од него во часовите после тоа.

Дека телефонот на Безос бил хакиран е потврдено и од неговото обезбедување, а сомневањето најмногу излегло на површина по објавата на тајни разговори кои не би требало да биде можно да бидат откриени. Овие разговори минатата година биле објавени од страна на National Enquirer, а со тоа се откри дека тој имал афера надвор од неговиот брак.

Директорот на компанијата сопственик на National Enquirer се истакнува дека наводно имал блиски односи со принцот на неколку месеци пред објавата на разговорите на Безос.

Случајот со хакирањето на телефонот бил пријавен кај властите од страна на обезбедувањето на Безос, но уште нема официјални информации за случајот.

Тоа што делува сигурно, барем според сторијата на The Guardian, е дека хакирањето е направено од страна на Саудиска Арабија, со надеж дека приватните работи до кои е дојдено ќе може да се искористат при „преговори“ со Безос за пишувањата на колумнистот Кашоги.

Од Саудиска Арабија го негираат ова што се објавува и повикуваат на целосна истрага за да се дојде до вистинските сторители на хакирањето.

ИЗВОРThe Guardian
ИЗВОР 2Forbes
Претходна статијаBloomberg најавува претставување на помал и поевтин iPhone во март
Следна статијаПрограмерите ќе можат да почнат да ги тестираат своите апликации за уредите од Microsoft со двоен екран
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.