Иако технологијата и индустријата на видео игри е значително напредната од времето на Super Mario Bros., сепак ова легендарно име останува едно од најпознатите кое доби и не толку успешна мобилна верзија.

Популарноста на Super Mario ја паметат тие што се родени во 70-80тите години од минатиот век кога играта беше достапна на Nintendo играчката конзола. Мислам дека немаше некој кој не ја познаваше оваа игра, а истата доби и филмска верзија во 1993 година.

Јас го имам гледано тој филм во тоа време и го паметам како просечен филм за кога човек нема што друго да гледа, но сепак од тоа што сега го читам, истиот има добиено многу лоши оценки, а неговите главни глумци дури изјавуваат дека немаат работено на полош филм.

Со оглед на задржувањето на популарноста на овој, слободно може да го наречеме бренд, повторно ќе може да очекуваме негово пренесување на „големиот екран“. Овој пат се работи за анимиран филм кој ќе биде направен од Крис Меледандри, продуцентот на познатите „Despicable Me“ и „The Secret Life of Pets“.

Тој говорејќи за лошиот филм од деведесеттите истакнува дека грешката која често ја прават во Холивуд е тоа што ретко се прават консултации со креаторите на делото кое се преработува во филмска или анимирана верзија.

Новиот анимиран филм ќе биде направен во соработка и консултации од страна на креаторот на Super Mario Bros. Шигеру Мијамото, па се најавува многу подобра приказна и популарност на овој филм.

Филмот може да се очекува за 2022, што не е баш брзо, па до тогаш може да се очекуваат разни промени во проектот, па дури и негово откажување. Како и да е, верувам дека доколку биде направен овој филм, тој ќе биде популарен на нивото на другите филмови од овој продуцент и сличните.

ИЗВОРVariety
ИЗВОР 2TechSpot
Претходна статијаSamsung го најави Infinity Flex екранот и прикажа „скриен“ уред кој работи на овој екран
Следна статијаРезултати од работењето на Македонски Телеком за првите девет месеци од 2018 година
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.