NexDock-Windows-10-Mobile-Continuum

Токму вакво решение очекувавме кога прв пат го видовме Continuum за Windows 10 Mobile, кој во моментов е достапен во телефоните од повисоките класи, како Lumia 950 и 950 XL. NexDock е имено лаптоп кој нема внатрешни компоненти, односно на него не може да се инсталира оперативен систем, но затоа може да се приклучат разни надворешни мини компјутери, како Intel Compute Stick со Windows 10 или цела плејада на Android стикови, а може да се користи и како подлога за Continuum.

Идејата е навистина одлична – досега малите компјутерски решенија се користеа само за оживување на големите телевизори и беа ограничени на користење во домашни услови, односно не беа вистински преносливи. Со NexDock, секој мал и евтин мини компјутер, може да биде искористен како преносливо решение, а истото важи и за оние со Windows 10 Mobile смартфон, кои сакаат да уживаат во целото десктоп искуство.

nexdock-android-tablet-100645135-large

NexDock е всушност само екстерен дисплеј со големина од 14 инчи, кој се поврзува преку HDMI со надворешните компјутери, со вградени тачпад и тастатура. Има вградена батерија од 10.000 mAh, што значи дека може да издржи прилично долго време со едно полнење на батеријата – веројатно повеќе отколку што ќе може Вашата Lumia во Continuum мод.

Она што во моментов веројатно му недостасува на NexDock е USB Type-C приклучок – со него би било многу полесно поврзувањето на уредите кои ќе излезат наредниве неколку години. Исто така, ова значи дека сите кои имаат Windows 10 Mobile уреди, ќе мораат да користат Continuum Dock за поврзување, што е дополнителен трошок.

nexdock-large-100645123-large

Самиот „лаптоп“ е очигледно пластичен и нема да победи на ниту еден натпревар за убавина и поврзувањето со другите уреди засега не е претерано елегантно, но би можел да замислам иднина каде во ваквите уреди ќе има посебно место, односно слот каде што ќе можете да го ставите телефонот, без да штрчат кабли насекаде. Како и да е, NexDock е одлична најава за тоа што следува во наредниве неколку години – уште поголемо поврзување на мобилните уреди, со таблетите и лаптопите.

NexDock е во моментов Indiegogo кампања и сите кои ќе го поддржат ќе можат да го добијат за 79 долари, додека кога ќе биде лансиран на пазарот, уредот ќе чини 149 долари. Цената секако не е ниска – за тие пари во моментов може да се купат и солидни Chromebook, па дури и некои Windows 10 лаптопи, но тука сепак се работи за уред кој ќе биде единствен на пазарот и кој е пионер во овој сегмент. Очекувајте ваквите „празни лаптопи“ да бидат многу поевтини во иднина.

Извор: PCWorld, Windows Central, Digital Trends

Претходна статијаLG го претстави Stylus 2 – голем 5,7 инчен смартфон од средната класа со дигитално пенкалце
Следна статијаЗошто вонземјаните нè избегнуваат?