Неодамна претставениот Huawei nova 9 почна да се продава и на нашиот пазар, па фановите на компанијата повторно имаат на што да се радуваат, а и да се одлучат при купување на нивниот нареден смартфон. Секако, Huawei отсекогаш биле одличен избор и на останатите корисници кои се во фаза на купување на квалитетен уред.

Huawei nova 9 може да се каже дека е сместен во одлична класа, поточно средно висока, па корисниците кои ќе се одлучат за него ќе добијат уред со одлични карактеристики, но ќе нема потреба да платат огромни пари за истиот. Во исто време, не се работи за уред со ниска цена, нешто што кога е случајот тешко може да овозможи доволно добри карактеристики, а посебно за понапредните корисници.

На нашиот пазар Huawei nova 9 се продава по препорачана цена од 29.999 денари, а е достапен во две бои, односно Starry Blue и Black.

Екран кој го става nova 9 во високата класа

Huawei nova 9 доаѓа со 6,57 инчен екран за кој може да кажеме дека ја погодува „златната средина“ за големина. Не е мал, но сепак не е како најголемите уреди на пазарот, нешто што доста од корисниците не им одговара.

Резолуцијата на екранот е 2340 на 1080 пиксели, но главната карактеристика е стапката на освежување од 120 херци. Слободно можеме да кажеме дека секој кој има користено или дури и само пробано уреди со стапка од 120 херци, веќе не може да се врати на телефон со стандардната стапка од 60 херци. Анимациите, движењето на елементите на екранот, „скролањето“ низ друштвените мрежи, менијата и слично, е нешто што веќе не смее да биде со помала стапка на освежување.

nova 9 доаѓа со прилагодлива стапка на освежување, што значи дека батеријата исто така добива од овој екран, па стапката се прилагодува зависно од што е тоа што го користи корисникот во моментот. Изборот сепак е тука да стапката на освежување се „заклучи“ на 120 или 60 херци, но најдобро е да се остави автоматското прилагодување.

Оваа карактеристика го става овој екран и корисничкото искуство во високата класа, а кога на тоа ќе се додадат боите и генералниот квалитет не екранот кој има и поддршка за HDR10, корисниците можат да бидат мирни дека користат уред со екран кој може да се носи со конкуренцијата.

Екранот од страните е заоблен, нешто што конкуренцијата престана да го прави, па најверојатно на некои корисници ова ќе им биде добредојдена карактеристика, а посебно поради ефектот на немање на рамки од страните.

На горната и долната страна рамките се многу мали, па телефонот го има модерниот и веќе стандарден изглед кој овозможува да не се забележуваат рамки околу екранот.

Предната камера е ставена во мала дупка на средината од горниот дел од екранот, а според нас ова е секогаш подобриот избор, за разлика од исечок или поставување на камерата на некоја од страните.

EMUI 12 овозможува одлично корисничко искуство, а заедно со App Gallery корисниците имаат се што им е потребно

Huawei nova 9 работи на познатиот EMUI од компанијата, во својата дванаесетта верзија, а не како што можеби би очекувале на Harmony OS. Ова не треба да им направи некаква разлика на корисниците поради тоа што нивното корисничко искуство ќе биде во стилот на Huawei без разлика на системот.

Huawei овозможува нивна алтернатива на сите сервиси и апликации кои на корисниците веќе не им се достапни поради познати причини и недостапноста на Google. Тоа значи дека користејќи телефон од Huawei имате алтернатива за пребарување, сурфање, читање книги, слушање музика, мапи, како и следење на фитнес активностите.

Веќе одамна во AppGallery се достапни едни од најпознатите апликации, а посебно е важно што нашите банки и компании се погрижија да нивните апликации им се достапни на корисниците. Тоа значи дека ништо нема да недостасува, а за ретките ситуации, секако тука е лесното решение од Huawei за инсталација на додатни апликации.

EMUI 12 има одлични можности за прилагодување на изгледот на корисничкиот интерфејс за да секој корисник може да направи да неговиот телефон изгледа онака како што сака, а и да може малку да се издвои од останатите.

Достапна е темна тема, функција за намалување на сината светлина, а тука е и одличната можност за менување на изгледот целосно, од иконите, до позадината и боите.

Посебно би ја истакнале апликацијата My HUAWEI преку која корисниците пристапуваат до информациите за својата Huawei сметка, до бекапот на телефонот, сликите и слично, безбедноста, најавување на други уреди, а тука е и делот за членови каде корисниците можат да ги видат последните понуди за поголем простор во облакот и слично.

Одлични камери и одлични перформанси

Huawei се дефиниција за квалитет на мобилните камери и тоа продолжува да биде така. nova 9 доаѓа со вкупно пет камери, односно четири на задната и една селфи камера на предната страна. Ова овозможува сликање во сите можни ситуации, со додавање на сите потребни ефекти кои корисниците би ги сакале во денешно време.

Камерите на задната страна вклучуваат сензори со 50 мегапиксели кај главната камера, 8 мегапиксели кај широкоаголната камера, како и по 2 мегапиксели кај камерите за сликање од блиску и за проценка на длабочината на сликата и додавање на ефекти.

Квалитетот на сликите е одличен, а ова е нешто што никого нема да изненади кога е во прашање Huawei.

На предната страна селфи камерата има сензор со 32 мегапиксели, па јасно е дека со овој телефон корисниците нема да имаат потреба од сликање селфи слики со задните камери. Камерата на предната страна ги има сите потребни карактеристики и повеќе мегапиксели од задните камери на доста телефони.

Huawei nova 9 работи на Snapdragon 778G, осум јадрен процесор со четири јадра за перформанси и четири за заштеда на енергија. Максималната „сила“ на јадрата изнесува 2,4GHz, а овој чип е направен во 6nm технологија.

Оптимизацијата која ја има EMUI 12 одлично ја искористува моќта на чипот до последната сила која има да ја даде. Телефонот работи исто како да е од највисоката класа и не остава простор за посакување да се користи нешто посилно.

Една од подобрите карактеристики на Huawei nova 9 е полначот кој доаѓа со уредот од 66W. Во ваква ситуација веќе не е ни важно колку трае батеријата со капацитет од 4.300 mAh, затоа што само со 15 минути полнење се добива доволно надополнување за да се продолжи денот без проблем.

Доколку сте како нас и не оставате батеријата да падне под 40%, со 66 ватниот полнач nova 9 во главно ќе ви биде најмалку на 80% наполнет, а тоа ќе се прави за времето потребно да се подготвите за излегување.

Huawei во nova 9 донесува две одлични функции кои ќе го продолжат векот на батеријата. Исто така треба да се истакне дека веќе одамна не важи правилото дека за батеријата е добро да истата што повеќе се испразни, па потоа целосно да се наполни. Ние препорачуваме батеријата да ја полните веќе од 40% или барем на 25-30%, а полнењето да го правите некаде до 85% за подолг век на батеријата, а и подобра работа.

Smart Charge е првата функција која може да се вклучи и овозможува учење на навиките на корисникот и одложување на целосно полнење на батерија. Полнењето застанува некаде на 80%, а целосното дополнување се прави кога телефонот очекува дека корисникот обично почнува да го користи. Со ова се заштитува „здравјето“ на батеријата за која не е добро да се наполни целосно и да остане на полначот.

Smart Battery Capacity е втората и одлично функција која престанува да го полни телефонот пред 100%, односно овозможува да батеријата никогаш не се наполни целосно. Како што кажавме тоа не е баш добро за батеријата, а со оваа функција нејзиниот век ќе биде продолжен.

Како што истакнуваат од Huawei, ова делумно ќе го намали времето во кое ќе го користите телефонот на едно полнење, но ќе го зголеми векот на батеријата.

Одличен телефон кој слободно го препорачуваме на сите корисници

Huawei nova 9 е уред за кој е доста лесно да се даде препорака за купување. Фановите на брендот одамна знаат што значи да се користи Huawei, а карактеристиките на nova 9 во комбинација на цената која не надминува 500 евра, го прави овој телефон одличен конкурент во било која класа.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Екран
Корисничко искуство
Перформанси и камера
Вредност/цена
Претходна статијаDiners Club Македонија го доближува брендот поблиску до сите граѓани со својата нова кампања „Кога сакаш повеќе“
Следна статијаРСБСП со апел: Паркирајте совесно и одговорно
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-huawei-nova-9-huawei-e-uste-tuka-i-ostanuva-faktor-na-pazarot Неодамна претставениот Huawei nova 9 почна да се продава и на нашиот пазар, па фановите на компанијата повторно имаат на што да се радуваат, а и да се одлучат при купување на нивниот нареден смартфон. Секако, Huawei отсекогаш биле одличен избор и на останатите...