Најновото од Note серијата на Samsung го помина нашето стандардно и редовно тестирање на телефони и очекувањата кои ги имавме беа целосно остварени, а може слободно да се каже и надминати. Телефонот доаѓа со доволно подобрувања, па и во споредба со годинешната Galaxy S серија, па повторно Samsung го има еден од најдобрите телефони на пазарот.

После само една година од претходната генерација, а тука е и споредбата со Galaxy S20 телефоните, секогаш по вадењето на телефонот од кутијата се прашуваме дали ќе добиеме впечаток дека држиме нов и различен телефон. Samsung сепак се погрижува да воведе доволно промени за да „возбудата“ од новиот телефон е повторно тука.

Note серијата, а посебно Ultra верзијата, секогаш оставаат нешто поквалитетен впечаток, па корисниците секогаш кога ќе го користат телефонот ќе знаат дека го користат најдоброто на пазарот.

Дизајн

Samsung го задржува дизајн стилот за оваа година кој вклучува многу мали рамки околу екранот кои се „прекинати“ само од мала дупка за предната камера која е поставена на средината. Оваа поставеност на дупката е секогаш подоброто решение поради тоа што тој дел од екранот и така ретко е искористен, иконите во тој дел стојат на левата и десната страна, па затоа телефоните кои имаат дупка на левата страна, непотребно го кратат тој дел наменет за информации. Ставањето на две селфи камери пак, е тотално непотребно решение и зазема простор како исечок кој често кај телефоните е поставен чудно на левата страна.

Galaxy Note20 серијата е позната и по новата боја, мистично бронзена. Оваа боја му додава на телефонот уште поголем ефект на квалитет, кај уред кој и така е квалитетно изработен, а тоа се гледа.

Задната страна добива мало освежување кај модулот за камерите. Иако ваквиот модул беше критикуван на почетокот, сепак поставувањето на повеќе камери, што е стандардно во денешно време, изгледа многу подобро кога тие се групирани во посебен и истакнат дел од телефонот. Кај Galaxy Note20 Ultra, модулот е дополнително „испеглан“, со посебно истакнување на камерите со повеќе истакнат „прстен“ околу нив. Со ова решение, слободно може да се каже дека задната страна од уредот е задоволство да се гледа, а модулот најавува каков квалитет може да се очекува од камерите.

Генерално може да се заклучи дека како и секогаш, користењето на телефон од Note серијата е посебно искуство кое зрачи со квалитет на изработка, одличен дизајн и најдобри перформанси.

S Pen

Note серијата е позната по тоа што доаѓа со електронско пенкалце, S Pen, кое секоја година добива подобри перформанси, а Samsung одлично има вклопено и додатни функции кои на пенкалцето му даваат поголема вредност со тоа што корисниците можат да го користат за повеќе од само пишување.

Зависно од видот на корисник, нема сите функции на S Pen секогаш да ги користите, но главната предност е што изборот на функции е доволно голем за да може да им се најде на сите корисници во различни ситуации.

Оваа година „чувствителноста“ на S Pen е дополнително подобрена, па сега е стигната до 9ms, нешто што прави да скоро и да не може да се забележи доцнење при пишување на екранот. Со тоа секоја година пишувањето на екраните се приближува се повеќе и веќе работата е стигната до ниво каде чувството е скоро исто како да се пишува на хартија со обично пенкало. Звучниот ефект при пишување дефинитивно додава на чувството.

Можеби доста луѓе се прашуваат која е предноста да нешто се напише со пенкало, наместо со тастатурата на телефонот, па тоа е нешто што не може да се разбере додека не се користи еден Galaxy Note20 Ultra. Запишувањето на брзи белешки е многу подобро и „поприродно“ на овој начин, наместо притискањето на софтверските копчиња на тастатурата.

Перформансите на S Pen овозможуваат да како корисник нема никогаш да имате проблем поради тоа што пишувате на екран со електронско пенкало.

Додатно оваа година, S Pen, односно Samsung Notes апликацијата, има можност за претворање на напишаниот текст во „испечатен“ текст, што значи дека брзите белешки многу лесно стануваат полесно читливи и спремни да се префрлат во било која друга апликација.

S Pen нема толку ретко да биде извадено од своето место во телефонот благодарение на дополнителните функции кои ги има. Како и лани, S Pen може да се користи за сликање без потреба да се биде во близина на телефонот, а тука се и гестикулациите кои ќе им се погодат супер на корисниците кои често имаат потреба од користење на телефонот поставен на масата или на триножник.

Кога првпат ќе го извадите S Pen од „куќиштето“ Note20 Ultra ќе „ве научи“ како да ги користите дополнителните функции кои вклучуваат, покрај ланските контроли на одредени апликации, контрола на телефонот за враќање назад, вклучување на активните апликации и слично.

Функциите и подобрувањата кај S Pen прават да ви стане јасно зошто оваа серија е толку популарна и дека има вистинска предност за еден ваков додаток.

Карактеристики, камера и перформанси

Иако Galaxy Note20 Ultra доаѓа со истиот чип од Galaxy S20 серијата, сепак Samsung, како што најави при претставувањето на овој телефон, има направено одредени оптимизации кои донесуваат подобра и побрза работа на телефонот.

Додатна добра одлука може да се каже дека е прилагодливата стапка на освежување на екранот до 120Hz, нешто што придонесува кон заштеда на батеријата, а користењето на телефонот и промените на екранот да сепак ја добијат предноста од оваа поголема стапка на освежување.

Exynos 990 процесорот е помогнат со 8GB RAM, а исто така важно е да се истакне дека дискот е UFS 3.0, нешто што е исто така доста важно за брзината на работа на уредот.

Екранот е со големина од големи 6,9 инчи и кога го користите овој телефон навистина добивате максимален простор за гледање на информациите и разбирате зошто овие големи телефони се толку популарни изминатите години и зошто ќе останат популарни.

Резолуцијата е одлични 3.088 на 1.440 пиксели, а повторно да истакнеме дека телефонот работи со стапка на освежување од 120Hz, нешто што ќе ви биде една од клучните работи кога еднаш ќе користите телефон со ваква стапка.

Екранот има само една мала дупка на средината од горниот дел каде е сместена камерата со 10 мегапиксели и можност за широк агол на сликање со цел собирање на нешто повеќе луѓе во сликата. Камерата има f/2.2 што значи дека ќе добиете прилично добри слики и во потемни услови, но секако тоа не е главната намена на селфи камерата.

На задната страна се поставени 3 камери. Главната доаѓа со одлични 108 мегапиксели кои секако може да се најдат во одредени ситуации. Камерата наменета за зумирање до 50 пати, Samsung не се одлучи да го повтори зумирањето од S20 Ultra, доаѓа со 12 мегапиксели, колку што има и третата камера со можност за широки слики до 120 степени.

Како посебна новина која дојде со Galaxy Note20 серијата дефинитивно треба да се истакне DeX функцијата која сега функционира преку безжично поврзување со паметните телевизори кои имаат поддршка за Miracast. Со еден клик добивате десктоп искуство на вашиот телевизор. Само може да додадете една мала тастатура, телефонот може да го користите како „глувче“, па имате целосно нов уред во дневната.

Оваа нова можност со DeX отвора целосно нова намена на телефонот и целосно ново корисничко искуство кое ќе ви отвори многу нови можности. Телефонот веќе не се поврзува со телевизорот само за да се прикажат сликите од одморот, па слободно може да се каже дека добивате уште еден компјутер во домот.

Заклучок

Samsung продолжува со правење на едни од најдобрите телефони на пазарот. Посебно се истакнуваат Ultra моделите кои овозможуваат да правите повеќе со телефонот кој има голем екран, а во случајот со Samsung и одличен AMOLED екран погоден од за работа, па до гледање на филмови на него.

Купувачите на оваа категорија знаат што да очекуваат и што добиваат, а ние можеме да потврдиме дека тоа е случајот и оваа година.

Galaxy Note серијата останува најдоброто на пазарот, за сите корисници, а посебно за тие кои сакаат нешто повеќе од својот мобилен уред.

Претходна статијаSamsung и Stanford развија OLED екран кој има 10.000 пиксели на инч
Следна статијаНовиот HUAWEI MATE40 PRO е најеко смартфон на HUAWEI
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.