РСБСП: Пешаците и понатаму се една од најзагрозените групи учесници во сообраќајот

За да имаме побезбеден сообраќај, за во сообраќајот да нема жртви, крајно време е да почнеме да ги менуваме навиките и културата на однесување во сообраќајот

Пролетта е период од годината кога има најголема раздвиженост во сообраќајот. Бројот на пешаци, велосипедисти, мотоциклисти, па и бројот на моторни возила во сообраќајот, значително се зголемува. Зголемениот интензитет на сообраќај носи и поголеми ризици и закани за учесниците во сообраќајот. Статистиката покажува дека пешаците, особено повозрасните пешаци, и понатаму остануваат една од најранливите и најзагрозените групи учесници во сообраќајот.

Имено, црната статистика за 2017 година покажува дека 34 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои, дури 17 се на возраст над 65 години, а 914 пешаци се сериозно повредени. Во 2018 година, 27 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои 14 се на возраст над 65 години, а 861 пешак е сериозно повреден.

Една од причините зошто пешаците толку многу страдаат во сообраќајот, покрај грешките на возачите и несоодветната сообраќајна инфраструктура, секако е непочитување на сообраќајните правила и прописи од нивна страна. За жал, секојдневно можеме да видиме пешаци како поминуваат улица надвор од пешачки премин, на црвен пешачки семафор, како се движат помеѓу две коловозни ленти, помеѓу возила во движење, но и пешаци кои воопшто не ги следат случувањата во сообраќајот поради мобилниот телефон или слушањето музика. Непотребно и долго задржување на коловозот е редовна појава, особено од страна на повозрасните пешаци.

Пешаците се најмасовна и најранлива група учесници во сообраќајот, а истовремено и најмалку контролирана и најмалку санкционирана. Искуствата и анализите покажуваат дека кај пешаците, недостасува чувство за нивното активно учество во сообраќајот и недостасува одговорност дека и за нив важат сообраќајните правила и прописи, како и за сите други учесници во сообраќајот.

Ваквата перцепција и ваквото однесување на пешаците во сообраќајот резултира со голем број загинати и повредени пешаци во сообраќајот. Тоа не значи дека и кај возачите нема одговорност и вина. Напротив, црната статистика е последица на непочитување на сообраќајните правила и прописи, како од пешаците така и од возачите.

Согласно тоа, РСБСП со потсетување: Обврска на возачите е да се движат со особено внимание секогаш кога се приближуваат кон пешачки премин, да ја намалат брзината и да ги прoпуштат пешаците на пешачкиот премин, но тоа никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право на првенство на минување. Напротив, пешакот е должен да ја помине улицата на пешачки премин откако ќе се увери дека тоа може да го направи без да го загрози безбедното одвивање на сообраќајот, односно откако ќе се увери дека возилата што се движат на коловозот се во можност безбедно и навреме да застанат. Непочитување на ова правило од страна на возачите и на пешаците е најголема причина за сообраќајни незгоди во кои страдаат пешаците.

Лична одговорност, свест и совест, сообраќајна култура, толеранција и максимално почитување на сообраќајните правила и прописи од страна на секој учесник во сообраќајот, е единствениот начин да се намали бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди. Во спротивно, за жал, порано или подоцна, директно или индиректно ќе ги почувствуваме последиците од неодговорното учество во сообраќајот.

РСБСП апелира: За да имаме побезбеден сообраќај, за во сообраќајот да нема жртви, крајно време е да почнеме да ги менуваме навиките и културата на однесување во сообраќајот. Да почнеме од себе, за да придонесеме за безбедноста на сите учесници во сообраќајот!