457253-hands-on-windows-10-for-phones

Кој е најголемиот еко систем во светот? Win32 секако. Сите програми некогаш направени за Windows оперативниот систем, што ги инсталирате на вашите компјутери секојдневно, се Win32 компатибилни и ги има милиони. Затоа, многу од фановите на Windows 10 уште по објавувањето на Continuum опцијата за телефоните, прашаа дали ќе поддржува и Win32 програми. Желбите најверојатно ќе се исполнат.

Да потсетиме, Continuum опцијата овозможува поврзување на Windows 10 Mobile телефон со поголем дисплеј и можност да се користи како целосен Windows 10 компјутер. Со таа разлика што нема да може да инсталирате стандардни програми, како на пример Photoshop, туку ќе мора да се ослоните на модерните универзални апликации од Windows Store. А иако квалитетни, овие апликации се и натаму многу малку на број и правите компјутерџии секако би сакале да имаат поголем и поквалитетен избор.

За да може да работи една Win32 програма, чипот мора да е x86 компатибилен, односно или од Intel или од AMD. Според тоа, за да може воопшто да ги „вози“ овие програми, Windows 10 Mobile телефонот ќе мора да има Intel Atom процесор. Дали тоа ќе биде долго време најавуваниот Microsoft Surface Phone? Можам да се обложам на тоа.

Интересно, со Project Centennial, наскоро сите дивелопери на Win32 апликации, ќе можат да ги префрлат во Windows Store. Ова треба да се случи на почетокот од наредната година, веројатно со лансирањето на погоре споменатиот телефон. Благодарение на ова, сите овие програми и пак ќе повторам, кои го сочинуваат најбогатиот еко систем, ќе можат да се инсталираат на Surface телефонот.

Помал проблем е природата на тие програми, односно тоа што се оптимизирани за работење само со x86 чип, маус и тастатура и секако за поголеми екрани. Сепак, доколку ги користите ексклузивно кога телефонот ќе го поврзете на поголем дисплеј, односно како десктоп компјутер, ова не би требало да претставува проблем.

Како и да е, според изјавата на Кевин Гало од Microsoft, во која тој кажа дека компанијата ја разгледува можноста за Win32 апликации на телефоните, можеме скоро со сигурност да потврдиме дека ваквата можност наскоро ќе ја има во телефоните со Windows 10 Mobile.

Извор: Windows Central