Screenshot_1

Google Glass и Microsoft HoloLens се веќе минато – иднината е во контактните леќи на Samsung со вграден дисплеј и камера. Да, наскоро работите што ги држиме во рака, односно смартфоните или пак уредите за носење – паметните часовници, ќе бидат заменети со контактни леќи кои во секое време ќе можат да ни прикажуваат нови информации.

Колку и да направи ова да се чувствувате како Арнолд Шварценегер во Терминатор, иднината најверојатно ќе не направи своевидни киборзи. Ако веќе и не сме – паметните уреди се толку навлезени во нашиот живот што без нив се чувствуваме како да фали дел од нас…

Но, да се вратиме на контактните леќи. Според патентот, леќите имаат вграден транспарентен OLED дисплеј меѓу две стакла, кој може да прикажува секаков тип на информации директно во нашето око. Вакви леќи веќе беа прикажани од Google (на фотографијата подолу), но тие беа со прилично едноставни дисплеи и не можат да прикажат многу информации.

9-google-contact-lens

Од Samsung забележуваат дека ова решение ќе понуди многу подобро искуство и од Google Glass, а ќе се управува со трепкање и движење на очите. Секако, леќите ќе мора да бидат безжично поврзани со Вашиот паметен телефон, но можам да замислам дека во иднината во нив може да се вгради цел оперативен систем.

Леќите на Samsung имаат уште еден адут во ракавот – вградена минијатурна камера. Во превод, ова значи дека конечно ќе може цело време да го снимате она што го гледате, без да треба да ги користите рацете. Импресивно и застрашувачко во исто време…

Интересно, овие паметни леќи сеуште не се одобрени во Јужна Кореја, каде е поднесен патентот, но тука се работи за Samsung и ако некој навистина може да лансира ваков луд производ, тоа секако би биле тие.

Извор: The Verge, NewsWeek, Telegraph

Претходна статијаКако да ги зачувате фотографиите од Spotlight на Windows 10
Следна статијаMacBook наскоро ќе има „Force Touch дисплеј“ како замена за тастатура?