one2touch-flipcover

Денес, скоро сите сме навикнати на виртуелните тастатури на паметните телефони со допир, но има такви кои и натаму преферираат физичка тастатура. Избор за вакви тастатури на пазарот има, но сите се прилично големи и дебели и имаат батерија која има ограничено траење со едно полнење.

На помош доаѓа One2TOUCH, тастатура која нема вградена батерија и која е исклучително тенка. Изведена е како футрола и ќе додаде само неколку милиметри во секоја насока на телефонот, исто како и скоро секоја друга футрола на пазарот.

Но, како добива енергија тогаш оваа тастатура? Ја користи NFC можноста за поврзување со паметните телефони и ги користи радио брановите од нејзе за да се напои со струја, која треба да е доволна за праќање сигнали преку Bluetooth до телефонот.

Покрај тоа, тастатурата ги содржи сите копчиња кои ги имаат стандардните тастатури, меѓу кои и стрелки, кои се особено корисни за полесно селектирање на текст.

Сепак, поради самата природа на напојување со енергија, тастатурата нема да може да се користи со сите мобилни телефони, туку само со оние кои имаат NFC можност. Исто така, корисна е само кога ќе се постави на маса, а поради малите копчиња, тешко дека на нејзе ќе може да се пишува со две раце. Веројатно би била многу покорисна за таблет, отколку за паметен телефон.

Цената на One2TOUCH се уште не е оформена, а не се знае ниту кога ќе биде достапна на пазарот. Сепак, идејата дека надворешните уреди можат да се напојуваат преку NFC е многу интересна и отвора нови можности за дизајн и нивна изведба.

Извор: Ubergizmo

Претходна статијаВо тест нов концепт на летало за некоја идна мисија на Марс
Следна статијаПретставен Meizu MX5 – Телефон со врвни спецификации и многу ниска цена