Неколку пати досега сме пишувале за Мисијата на Марс, најновата блиска цел на вселенските програми на човештвото. Вселенските агенции ширум светот активно работат на освојување на оваа планета, па дури и на шансите да се воспостави човечка колонија таму.
За да се испита површината за погодно место за воспоставување колонија потребно е да се направат скенирања на површината одблиску, нешто што досега не е направено во достатно висока резолуција. NASA планира тоа да го промени преку создавање на нов концепт на автономно летало кое во блиска иднина би можело да го прави токму ова. Имено, се работи за мало летало направено од фиберстакло или од јаглеродни влакна и ќе има распон на крилјата од само 61 центиметар. Името на леталото е Prandtl-m (доаѓа од Preliminary Research Aerodynamic Design to Land on Mars).
Материјалот ќе му овозможи да тежи помалку од половина килограм на Марс, поради тоа што силината на гравитацијата на Марс е само 38% од Земјината. Ова летало ќе се употреби како дополнителна опрема со испраќање на некое автономно возило на површината, со тоа што при исфрлањето ќе може да лета (поточно, да плови) до триесеттина километри, праќајќи назад фотографии во висока резолуција од можни идни места за слетување и градење на човечка база. Потоа леталото ќе слета некаде на површината и веројатно ќе продолжи да функционира со некоја друга функција.
NASA е во фаза на тестирање на ова летало, кое ќе биде тестирано на различни висини од кои ќе биде случајно исфрлано за да се испроба неговата способност да се исправи и слета на површината.