Како човек што скоро редовно седнува зад воланот на најновите модели на автомобили, можам да потврдам дека навигациските уреди во автомобилите станаа прилично добри и со нив можете да го свртите скоро цел свет без да свртите во погрешна улица. Сепак, тие сѐ уште се наоѓаат на дисплеј поставен на централната конзола и/или на инструмент таблата, што го оттргнува погледот од патот.

На помош доаѓа Navion на компанијата WayRay, кој користи технологија за „проширена реалност“, прикажувајќи своевидни холограми на ветробранското стакло на автомобилот. Оваа направа може да ги прикаже сите информации што ги прикажува еден навигациски уред, но тие буквално ќе „лежат“ на патот. Исто како во видео игра!

navion 1 copy

Така, со Navion возачот ќе може да ги види стрелките кои го покажуваат патот на самиот пат, ќе може да види уште колку метри има до наредната кривина и до крајната дестинација итн. И сето ова како холограм на патот, што значи дека возачот нема да мора веќе да го оттргнува погледот за да види за колку време е наредната кривина, односно каде треба да сврти. И да, денес сите навигациски системи имаат гласовно водење, но да бидеме искрени тоа знае да биде и заморно и целосно да ја расипе музиката која ја слушате.

Покрај навигацијата, која дефинитивно е главниот адут на овој уред, со доплата ќе може да добиете и модел на кој гледате и нотификации од вашиот паметен телефон директно на ветробранското стакло и со нив да имате интеракција преку гестови со раката. Сепак, поради тоа што Navion е пред се уред кој е направен со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот, оваа опција ќе може да се користи само доколку стоите во место.

navion_interface_3

Цената на Navion изнесува 300 долари за моделот само со навигација, односно 500 долари за моделот кој може да прикажува нотификации од вашиот паметен телефон, што е многу помалку отколку фабричките системи. WayRay инаку планира да лансира Kickstarter кампања во октомври годинава, додека продажбата е планирана за мај наредната година.

navion_8

Извор: Business Wire, TechInsider, WayRay

Претходна статијаКако да ги исклучите известувањата за “Live Videos” на Facebook?
Следна статијаНаучниците можеби случајно ја открија темната материја