Неофицијални извори, кои најчесто се во право, носат една позитивна вест за фановите на паметните часовници од Samsung, а посебно за тие кои не беа баш среќни минатата година кога новите модели ја тргнаа популарната ротирачка рамка.

Според извор од Јужна Кореа, Galaxy Watch6 Pro оваа година ќе ја врати оваа барана функција од страна на корисниците, па горниот дел од рамката повторно ќе може физички да се врти, односно да ротира.

Ваквата функција кај часовниците од Samsung не е целосно тргната, односно навигацијата низ корисничкиот интерфејс уште може да се прави со повлекување на прстот околу рамката на екранот, симулирајќи ја ротирачката рамка, но секако тоа не е исто.

Враќањето на рамката ќе биде дел само од Pro верзиите од Galaxy Watch6, што е очекувано.

Покрај оваа најава, според информациите, оваа година Galaxy Watch6 Pro ќе дојде во две големини, наместо една како минатата година. Ова значи дека корисниците ќе може да ја купат големината која повеќе им одговара.

Претставувањето на Galaxy Watch за оваа година се очекува исто како и минатата, односно на настан на почетокот од август, па имаме уште доволно време за да прочитаме уште по некоја неофицијална информација до тогаш.

ИЗВОРAndroid Central
ИЗВОР 2SamMobile
Претходна статијаTotal Cookie Protection стана достапна на Android верзијата од Firefox
Следна статијаOpenAI ја претстави GPT-4 алатката на чија основа работи ChatGPT
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.