На почетокот од овој месец познатиот Еван Блас (@evleaks) објави видео од уред кој има еластичен екран и за разлика од досегашните вакви уреди, се превиткува на три дела, односно на две места, наместо на едно.

Уредот, како што истакна Блас, му било кажано дека е од Xiaomi, меѓутоа тој не можеше со сигурност да потврди дали се работи за точна информација.

Сега знаеме дека сепак се работело за вистинска и точна информација, а потврдата доаѓа директно од ко-основачот и претседател на Xiaomi, Лин Бин, кој преку неговиот Weibo профил објави видео од уредот.

Во видеото може да се види целосно функционален уред чиј еластичен екран се превиткува на две места, со што се добиваат „три“ екрани за превиткување. Ова можеби е досега најдоброто решение кое го имам видено и слободно би кажал дека Xiaomi со овој уред ќе привлече најголемо внимание.

Како што можете да видите на видеото подолу, уредот има доволно голем екран за да може да се користи како таблет компјутер. Тоа што според мене навистина го прави овој уред посебен е што кога ќе се превитка, нема делови кои „штрчат“ и оставаат лош впечаток, како што е случајот со FlexPai.

Исто така од видеото се гледа дека Xiaomi го имаат прилагодено MIUI софтверот за работа со ваков екран, а менувањето на позицијата изгледа одлично.

Повеќе информации за овој уред нема, односно не знаеме кои се неговите останати карактеристики, како и кога би можел да се очекува на пазарот. Сепак, со оглед на конкурентите, а и функционалниот тест уред на видеото, сигурни сме дека ќе го видиме на пазарот оваа година.

ИЗВОРThe Verge
Претходна статијаОтворено е пријавувањето за 7-та Авицена Женска трка
Следна статијаHuawei го претстави за европскиот пазар Honor View 20 со камера во екранот
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.