microsoft-hand-tracking-1

Microsoft беше можеби првата компанија во светот која ги популаризираше гестикулациите со рацете како начин за управување со софтверски елементи. Kinect за Xbox можеби не успеа како што се очекуваше, но даде насока за тоа каде ќе се движат компјутерите во иднината и на кој начин ние ќе имаме интеракција со нив.

Гигантот од Redmond има постигнато нови напредоци на тоа поле – сега со гестикулации со рацете ќе може да се управуваат многу повеќе елементи на Windows 10 компјутер, многу попрецизно, благодарение на новиот систем Handpose и Project Prague на Microsoft. Двата проекти, едниот од тимот од Велика Британија, едниот од тим од Израел, се наменети за различни употреби, но со иста цел – во иднина сите компјутери и компјутерски направи да ги управуваме со гестикулации со рацете.

Project Prague буквално се врзува за неколку точки на рацете и константно и прецизно го следи нивното движење, што прави корисникот да се чувствува поврзан со софтверското искуство. На пример, сега корисникот може да ги користи рацете и за управување на виртуелна тастатура, односно да употребува различни гестикулации за различни програми во оперативниот систем (на пример мавтање со раката за нов слајд во PowerPoint), гестикулација за гасење на компјутерот итн. Во иднина, Microsoft планира да го отвори овој систем за програмерите и да овозможи и тие да вградат гестикулации во своите апликации.

Handpose системот пак може драматично да ја подобри интеракцијата со елементите кај уредите со виртуелна, односно изменета реалност. Тој може да се користи за управување со најразлични елементи, како на пример притискање копчиња во виртуелната реалност, вртење на најразлични вртливи прекинувачи. И овој систем има константно следење на рацете и според истражувачите, му овозможува на корисникот чувство како неговата рака навистина да е во виртуелната/изменетата реалност.

За да работат овие систем потребни се таканаречените 3D камери, кои последниве неколку години станаа толку мали што лесно може да се вградат и во паметните телефони. Затоа, очекувајте еден од овие проекти наскоро да го видите и како финален производ на некој од лаптопите во продавниците, а сигурно во некои од уредите за виртуелна и изменета реалност, како на пример HoloLens на Microsoft.

Извор: The Verge, Windows Central, Gizmag

Претходна статијаКритична маса #50: Ѕрн ѕрн – чуф чуф – ѕрн ѕрн! Точак на автобус + точак во воз = Да комбинираме зелен превоз!
Следна статијаTwitter воведе поддршка за стикери на сликите кои ќе може да бидат пребарувани