Првата надградба на Windows Phone 8.1, која што се очекува да биде наречена исто како таа на Windows 8.1, односно едноставно Update, се очекува да биде достапна за програмерите и производителите од овој месец. Тоа значи дека корисниците ќе ја добијат нешто подоцна, со оглед на тоа што поголемиот дел од нив се’ уште ја немаат добиено ни 8.1 надградбата. Сепак доколку сте корисник на Windows Phone 8.1 Preview for Developers програмата, тогаш можете да ја очекувате првата надградба овој или идниот месец.
Информациите дека надградбата е спремна и дека може да се очекува доаѓа преку документи од Microsoft до производителите во кои што се споменува надградбата, како и функциите кои што може да се очекуваат со неа. Па така, Windows Phone 8.1 Update треба да ја вклучува веќе најавена можност за креирање на папки на home екранот, преку поставување на една плочка врз друга. Оваа функција е доста корисна и веќе одамна достапна на другите платформи, па разбирливо е барана од страна на Windows Phone корисниците.
Друга функција која што ќе биде додадена со надградбата е поддршката за интерактивни футроли, што ќе овозможи отклучување на уредот со отворање на футролата. Ова е нешто што исто така е достапно на конкурентните платформи, а футролите кои што им се достапни на корисниците се меѓу попопуларните додатоци кои што може да се купат. Ова значи доколку се точни гласините околу претставувањето на HTC One (M8) за Windows, корисниците ќе можат да ја користат и Dot View футролата.
Покрај овие две поголеми нови функции, Windows Phone 8.1 Update 1 треба да вклучува и поддршка за екрани со резолуција од 1280 x 800 пиксели, VoLTE и голема плочка за продавницата за апликации.
Извор: The Verge