Microsoft оваа недела пушти нова верзија од Windows 11 преку Dev каналот на Windows Insider програмата за тестирање на оперативниот систем. Windows 11 Build 22572 донесува повеќе новини кои се поврзани со исправка на грешки, нови икони и слично, но донесува и две нови апликации кои ќе ги заинтересираат и обичните корисници.

Првата апликација е Microsoft Family, а како што кажува и самото име истата е наменета за контрола на корисниците во семејството, најчесто децата. Оваа функција корисниците и сега можат да ја користат, но преку веб, па со додавањето на новата апликација пристапот до можностите ќе биде многу поедноставен.

Со оваа апликација корисниците можат да го гледаат времето поминато на компјутерот, Xbox, како и Android телефоните на нивните деца, нивната локација во моментот, како и да ги ограничат апликациите и веб страните кои можат да ги користат.

Втората апликација е Clipchamp која е наменета за измена на видео содржина, односно video editing. Предноста на оваа апликација е што е едноставна, па можат да ја користат повеќето корисници кои немаат потреба од сите функции кои ги нудат апликациите како Adobe Premiere Pro, Da Vinci Resolve и слични.

Иако се работи за едноставна апликација, таа сепак овозможува измена на „клиповите“ кои се додаваат, работа со „timeline“, ефекти и слично, а тука се и повеќе бесплатни видео клипови, аудио и слики кои може да се искористат во видеото.

Clipchamp e компанија која Microsoft ја купи, па сега почнува да го интегрира производот во Windows 11.

Microsoft во оваа верзија од Windows 11 исто така најави и подобрување кај Search делот во системот, па истиот сега ќе прикажува новини од светот кои се важни и интересни, новини поврзани со компанијата, ако корисникот е најавен со бизнис сметка и слично.

Dev верзиите од Windows не се препорачува да се инсталираат за стандардно користење на компјутерот и се наменети за програмерите и тие кои сакаат да тестираат нови функции и да праќаат информации за истите. Овој канал не е поврзан со некоја идна верзија од Windows 11, па дел од претставените функции може и да не станат дел од финалната верзија во иднина, но овие две апликации може да се очекуваат наскоро.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаНамалувањето на маржата ќе предизвика криза со горивата и блокада на економијата
Следна статија„Табови“ во File Explorer конечно се тестираат во Windows 11
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.