Sets беше една од најмногу очекуваните функции кои требаше да ги добие Windows 10 оваа година, меѓутоа развојот беше прекинат. Причина за откажувањето не беше дадена од страна на Microsoft, меѓутоа се верува дека истата е поврзана најмногу со концептот на којшто беше направена оваа функција, која беше базирана на Edge прелистувачот којшто сега се развива на Chromium.
Sets, доколку немате слушнато, воведува „табови“ во Windows 10, но наместо само во File Explorer каде што и најмногу се очекуваше, во сите апликации кои ќе добијат поддршка за истото. На тој начин корисниците можат да отворат само еден прозор, а во него да ги отворат сите потребни работи кои сакаат за тоа што моментално го прават.
Беше најавено и дека Microsoft може да ја врати Sets функцијата во друга форма, направена целосно од почеток, меѓутоа до сега за тоа немавме видено никакви информации.
Дека е можно враќање на оваа функција доаѓа преку Twitter корисникот WalkingCat којшто досега има пуштено точни информации, па и оваа има добри шанси да се покаже како таква.
oh ? "Sets" is back in 19481 ? ?
— WalkingCat (@h0x0d) September 20, 2019
Тој не дава ништо повеќе како информација, освен тоа дека се најдени показатели дека оваа функција е достапна во една од верзиите на Windows 10 кои се за идната година, па може да се очекува дека таа верзија ќе биде пуштена за корисниците на Windows Insider во некој период во иднина.
Microsoft моментално најмногу ја развива и тестира верзијата од Windows 10 за идната година, верзијата која ќе биде достапна некаде во пролет. Таа е верзијата која ќе донесе повеќе новини, за разлика од втората за оваа година која во главно ќе биде насочена кон перформансите, а ова може да биде и начинот на којшто Windows 10 ќе се надградува отсега.