Windows 10 е познат по тоа што, за разлика од неговите претходници, добива по две поголеми надградби во годината, на страна од месечните кои исправаат „багови“ и затвораат безбедносни пропусти.

Овие две поголеми надградби се наречени „feature updates“, односно надградби со функции и донесуваат новини кои корисниците можат да ги забележат, односно не се само подобрувања на перформансите и слично. Пример, May 2019 Update донесе издвојување на Search и Cortana, како и нова целосно светла тема на системот.

Првпат од кога е претставен Windows 10 една надградба нема да донесе нови функции и ќе биде сконцентрирана на подобрување на перформансите, дополнителни промени за деловните корисници, како и промени во начинот на надградба.

Се работи за втората поголема надградба за оваа година која обично се пушта во есен. Иако надградбите на Windows 10 знаат да доцнат од првичната најава, оваа изгледа ќе биде пуштена во септември, а најмногу поради тоа што таа ќе нема некои значајни новини за да го одложат пуштањето.

Дека вакво нешто се спрема можеше да се претпостави уште од почетокот на годината кога Microsoft почна да пушта Insider верзии од верзијата наменета за почетокот на идната година, а уште не беше пуштена ни првата за оваа.

Сепак, наредната верзија од Windows 10 нема да биде за „џабе“ пуштена. Иако таа нема да донесе нови кориснички функции, сепак ќе донесе промена во начинот на нејзина инсталација, нешто што би требало значително да го подобри целиот процес за корисниците.

Според блог објавата на Microsoft за наредната надградба, истата ќе се инсталира повеќе како надградбите кои се пуштаат секој месец, а не како надградбите на нова поголема верзија од Windows 10.

Тоа значи дека инсталацијата ќе трае многу пократко, а исто така се очекуваат многу помалку проблеми, нешто што е не толку ретко кога се инсталираат поголеми надградби, со повеќе новини.

Во основа, ова е еден вид на најава дека корисниците на Windows 10 оваа година веќе нема да видат интересни новини во системот, па се надеваме дека идната година ќе надомести за тоа.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаЛегендарниот предводник на “TAG Heuer“ и “Hublot“, Жан Клод-Бивер пристигнува на Викенд Медиа Фестивал
Следна статијаGalaxy A80 достапен во Македонија од средината на јули
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.