Скопје, 17.12.2021 година – Деветтото издание на Студентска Конференција за Енергетска Ефикасност и Одржлив Развој – СКЕЕОР 2021, поддржана од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), се одржа во период од 13.12. до 16.12.2021 година. Во рамки на четиридневната конференција, присутните имаа можност да слушнат серија пленарни предавања од областа на енергетиката, претставени од м-р Андреј Владимир Литиу (“REHVA”, “EPB CENTER”), м-р Ерика Светец (“ZEZ”), проф. д-р Сандро Нижетиќ (“FESB”), проф. д-р Борис Думниќ (Универзитет на Нови Сад), г-дин Тодор Анѓушев (Групација Фероинвест), м-р Никола Марковски (БРАКО), м-р Христина Костадинова-Бошкова (“КЕМЕТ Електроникс“), проф. д-р Ана М. Лазаревска (Машински Факултет) и Мигел Моска (EYEN).

Дел од СКЕЕОР 2021 беа и ученици од СУГС “Раде Јовчевски-Корчагин“, СУГС “Орце Николов“, СУГС “Георги Димитров“ и СУГС “Владо Тасевски“, под менторство на професори од Факултетот за Електротехника и Информациски Технологии. Средношколците работеа на лабораториски вежби и презентираа проекти од различни сегменти на енергетската ефикасност и одржливиот развој, кои се однесуваа на општа електротехника, фотоволтаични панели, трифазни асинхрони мотори, фотоефект и ветрогенератор.

Овие неколку дена имавме можност да слушнеме голем број интересни теми, да дискутираме на прашања кои сите нас нѐ засегаат, да споделиме знаење и искуство, но и да се дружиме со истомисленици од различни земји. Драго ми е што преку СКЕЕОР, моите врсници и колеги продолжуваат да се обединуваат во насока на изнаоѓање на решенија од областа на енергетиката. Верувам дека, преку оваа студентска конференција и преку други иницијативи од ваков тип, и во иднина ќе продолжиме во овој манир, уште повеќе и уште попосветено, со придонес кон енергетската ефикасност и одржливиот развој “ – изјави Марко Минов, Претседател на СКЕЕОР.

Навистина ме радува фактот дека од иницијатива на неколку студенти од ФЕИТ, денес СКЕЕОР е препознаена платформа за интеракција меѓу младите, академската средина и компаниите, но и јавниот сектор. Со ваква синергија, зголемен интерес за енергетската ефикасност и со желба за чекор понапред, веќе деветта година по ред заедно работиме на развивање и споделување идеи, но и овозможување на нивна реализација, за што сме навистина благодарни на компаниите и јавните институции – поддржувачи на конференцијата.“ – изјави вон. проф. д-р Лихнида Стојановска – Георгиевска, Координатор на СКЕЕОР.

Во заклучното пленарно предавање, беа презентирани позитивни применети искуства кон кои треба да се стремат младите инженери, бидејќи светот на “зелена енергија“ останува на младите. “Вложувањето во капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори е од голема важност за земја како нашата. На тој начин се намалува увозот на електрична енергија, се намалуваат загубите, се создаваат можности за вработување на локалното население, за изградба на инфраструктурни објекти, кои се финансираат од инвеститор, на кој начин задолжувањето на Северна Македонија при изградба на електрични централи од обновливи извори на енергија е нула. За да се намалат загубите при користењето на електрична енергија, државата треба да го следи примерот на европските држави и да овозможи услови за изградба на што повеќе електрични централи од обновливи извори, при што неопходно е да се води сметка за стабилноста на системот и можноста за балансирање на електричната енергија. – потенцираше г-дин Тодор Анѓушев, од групацијата Фероинвест кој воедно е Претседател за енергетска ефикасност и производство на енергија при Сојуз на Стопански Комори на Македонија и еден од главните пленарни предавачи во рамки на конференцијата СКЕЕОР 2021.

Човештвото чекори низ една нова, еволутивна фаза во третманот на електричната енергијата, како еден од основните и доминантни енергенси. Во таа смисла, неопходно е со силен фокус, посветеност и работа да се третира прашањето за нејзината рационална експлоатација но, уште повеќе аспектот за нејзиното производство. Затоа, земајќи ги предвид сите случувања со намалените конвенционални ресурси за производство на електрична енергија и понесени од премисата на Европската Унија за третман на енергетскиот сектор и обезбедување, како дел од “Зелениот Договор“, ги охрабруваме и поттикнуваме сите стручни лица, лично и професионално да се приклучат кон процесите за третман на обновливите извори на енергија.

А ние, од СКЕЕОР со практичен пример го покажавме и ќе го покажуваме, токму тоа.

Претходна статијаРегионален фонд за предизвици: Зад нас имаме одлична година
Следна статијаМини верзија од Instagram профилите сега може да се „вгради“ во веб страните