15 декември 2021, Белград/Подгорица/Скопје/Сараево/Тирана – Регионалниот фонд за предизвици (RCF) ја организираше својата прва Регионална годишна конференција со цел да ги сподели резултатите и искуството од регионалниот повик за поддршка на инвестициите во кооперативна обука. На почетокот на годината, во периодот од февруари до април, Фондот отвори повик на кој пристигнаа 205 апликации подготвени од страна на конзорциуми на установи за стручно образование и обука, и претпријатија од сите економии од Западен Балкан. Од нив 66 беа избрани и поканети да поднесат целосни предлог проекти. Со одлуката донесена од  Комисијата за селекција која се однесуваше на вредноста на достапните средства за првиот повик, ќе се финансираат 37 најуспешни проекти, при што во регионот се алоцираат приближно 14,5 милиони евра.

Г-ин Фридер Воерман, Раководителот на тимот на Регионалниот фонд за предизвици за оваа прилика изјави: „Мисијата на Фондот и на овој проект е да го зајакне квалитетот и релевантноста на стручното образование и обука во однос на пазарот на трудот, преку финансирање на инвестиции во обука и инфраструктура за проекти на кооперативна обука или дуално образование, кои се спроведуваат преку партнерства на установи за стручно образование и обука, и претпријатија. Исклучително ни е мило што голем број на апликанти доставија свои предлози и што имаме повеќе од 35 успешни проекти. На почетокот од 2022 година ќе продолжиме со втор повик и со нетрпение очекуваме да обезбедиме поддршка во оваа значајна област.“

Регионалниот фонд за предизвици е финансиски инструмент дизајниран да ја зголеми вработливоста кај младите. Истиот ја зајакнува конкурентноста на претпријатијата во економиите на Западен Балкан преку финансирање инвестиции во опрема и инфраструктура за избраните проекти кои работат на кооперативна обука или дуално образование, а се имплементирани преку партнерства на установи за стручно образование и обука, и претпријатија. Грантовите се доделуваат преку регионален компетитивен процес.

Г-ин Димитар Ѓорѓиев, директор на СЕТУГС „Михајло Пупин,“ Скопје ја нагласи важноста на дуалното образование, но ги истакна и придобивките од континуираната соработка со претпријатијата, како и зголемениот интерес на учениците за стручно образование: „Нашето училиште е пионер во дуалното образование во Република Северна Македонија, благодарение на проектот 20/20/20  предводен од ЕВН, 20 ученици уште првата година беа вработени во оваа компанија. Овој проект ги отвори вратите и ги поттикна и другите компании во државата да соработуваат со нашето училиште, досега имаме соработка со 18 компании од земјава. Оваа соработка го поттикна интересот кај младите за стручно образование. За ова зборува бројот на ученици кој од 2018 година до сега е зголемен од 600 на 904 ученици. Сите практични вежби нашите ученици ги извршуваат во овие 18 компании. Благодарение на оваа соработка, училиштето успева да продуцира подготвен стручен кадар кој е подготвен веднаш да работи во компаниите, наставните програми се наменети за потребите на компаниите, а истите се изработени во соработка со инженери од самите компании. Имаме 3 дуални паралелки во 2 профила, а од следната година ќе воведеме уште една дуална паралелка за целосно да го опфатиме училиштето со дуални паралелки во сите профили.“

Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6 во целост ги поддржуваат активностите на РФП.

„Регионалниот фонд за предизвици е одличен пример за позитивните ефекти што може да се постигнат преку синергија на сите чинители во образовниот процес  – креаторите на политиките, установите за стручно образование и обука, и приватниот сектор. Имплементацијата на регионалната економска агенда, но и напредокот на регионот на полето на дигитализацијата и зелената трансформација, сосема зависат од понудата на квалификуваната работна сила оспособена преку соодветно, и образование релевантно за пазарот, вклучувајќи и преку обука на работно место. Ние како регионална асоцијација на шесте национални комори од Западен Балкан, сме среќни што активно учествуваме во овие процеси преку Регионалниот фонд за предизвици“, изјави г-а Татјана Штерјовa Душковска, Генерален секретар на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан 6.

Првата годишна конференција ги обедини претставниците и експертите од ЕУ, јавните институции и организации кои работат во областа на стручното образование и обука, стопанските комори, меѓународни и регионални организации, претпријатијата и граѓански организации.

Изјави од останатите учесници:

Г-ин Сантијаго Алонсо Родригез, Раководител на одделение, Југоисточна и Источна Европа, Јужен Кавказ, на Федералното министерство за економска соработка и развој, изјави: „Регионалниот фонд за предизвици се однесува на регионалната интеграција и можностите за економски раст. Зборуваме за создавање одржливи и правични можности за младите да ја земат иднината во свои раце, особено кога станува збор за младите жени. Фондот е нашиот светилник. Уште во првите месеци од имплементацијата успеавме да ги обединиме приватниот сектор и установите за стручно образование и обука, за доброто на сите засегнати страни. Затоа, мило ми е што можам да кажам дека успеавме да мобилизираме дополнителни 13.5 милиони евра за грантови, што ја зголеми нашата поддршка на 33.5 милиони евра.“

Г-ин Клаус-Мартин Милер, Директор за Југоисточна Европа и Турција од Германската банка за развој KFW, истакна „Често гледаме дека не е толку лесно да се мотивира приватниот сектор активно да се вклучи во стручното образование. Затоа многу размислуваме за развивање на различни концепти и пристапи. Многу сме среќни што сега со Регионалниот фонд за предизвици успешно го мотивиравме приватниот сектор да се вклучи во стручното образование и обука, и да се здружи со стручните училишта во подготовката и  поднесување предлози. Тоа ги надмина сите очекувања кои ги имавме“.

Г-ин Сашо Недески, директор на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски,“ Охрид изјави: „Во нашето училиште се реализира настава од елекротехничка, машинска и сообраќајна струка, за 800 ученици, од кои 98 се дел од дуалното образование. Веќе 4 години сме активна членка во Комисијата за дуално образование координирана од Делегацијата на германското стопанство во РСМ. Што се однесува до соработка со училиштата од регионот, активно учествуваме во меѓународниот натпревар „Балкан Џуниор“ во кој учествуваат 8 држави од регионот. Имаме одлична соработка со Техничкото училиште од Ваљево, Србија, каде исто се изведува дуално образование. Во рамките на оваа соработка разменуваме различна искуства, од теми поврзани со опременоста на работилниците, па се’ до начинот на реализација на наставата.“

Регионалниот фонд за предизвици, исто така препознава три дополнителни аспекти кои прават пресек низ економските сектори, и нивниот потенцијал за развивање релевантни вештини на пазарот на трудот во согласност со тековните политики и иницијативи: зелена транзиција, регионална интеграција и дигитализација/дигитизација.

Претходна статијаА1 Македонија го лансира A1 Net Protect
Следна статијаУспешно реализирана деветтата студентска конференција – СКЕЕОР, посветена на трендовите во енергетиката