DSC_8247_1

На прес-конференција денес Микрософт Македонија го објави потпишувањето на договор за дистрибуција со македонската ИТ компанија ТДК Компјутери. Договорот за дистрибуција е во делот на Volume Licensing (количинско лиценцирање) и тоа според Микрософт е највисоко ниво на партнерство кое постои во компанијата.

Во Јануари оваа година, Микрософт Македонија започна комплексна формална процедура за анализа и ревизија на партнерската мрежа во Македонија што резултира со избор на ТДК Компјутери за доделување на договор за дистрибуција за количинско лиценцирање (моделот на лиценцирање на софтверски производи за мали и средни претпријатија со 5 или повеќе ИТ корисници). Микрософт Македонија тесно соработува со своите локални и регионални партнери преку Микрософт Партнерската Мрежа (MPN), во која што од основањето се имаат зачленето повеќе од 150 компании од ИКТ секторот во Македонија. Централната улога во работата со партнерите ја има токму партнерот дистрибутер, бидејќи продажбата на Микрософт продуктите се одвива преку каналот Микрософт – Дистрибутер – Реселер – Клиент.

ТДК Компјутери од своја страна е целосно македонска компанија, која последните неколку години има постојан раст и моментално е број 1 во ИТ секторот, односно во делот за дистрибуција на ИТ производи. Компанијата е создадена во 2000-та година и за овие 15 години постоење има изградени стабилни партнерства и потпишани договори за дистрибуција со некои од најголемите компании во ИТ секторот.

DSC_8214_1

„Голема чест е за нас денес да го објавиме потпишувањето на договорот со Микрософт во делот на Количинско лиценцирање. ТДК Компјутери во годините се докажа како лидер во ИТ дистрибуцијата. Имаме долгогодишни партнерства и договори за дистрибуција со некои од најголемите ИТ брендови меѓу кои Acer, Dell, Lenovo, Lexmark, Xerox, а со тоа и огромно искуство во работата со големи светски компании. A сега, кон ова широко портфолио, се дополнува и партнерството со Microsoft како уште еден успешен чекор во развојот на нашата компанија. Сигурен сум дека ќе ја оправдаме нивната доверба и скоро ќе имаме одлични резултати” – изјави г-дин Јордан Димитровски, директор на ТДК Компјутери.

„Микрософт Македонија е основана во 2004 година. Уште од своето основање, пред повеќе од 10 години, својот успех го темели врз успехот на иновативните компании во Македонија. Затоа денес ни претставува големо задоволство да го објавиме склучувањето на договорот за дистрибуција со македонската компанија ТДК Компјутери. Во нив пронајдовме стабилен партнер со кој заеднички ќе продолжиме да инвестираме и да го развиваме македонскиот ИТ пазар.” – изјави од своја страна Стефан Плавјански, генерален менаџер на Микрософт Македонија.

За да ги реализираат своите заеднички планови и двете компании најавија инвестиции во човечки ресурси и во промоција на ИТ технологиите во Облакот, кое брзо ќе доведе до зголемување на соработката и подобрување на бизнис состојбата во Македонија.

Претходна статијаДали знаете како да инсталирате драјвери на вашиот компјутер ?
Следна статијаЗапочнува официјалниот крај на Flash, Adobe Flash Professional прераснува во Adobe Animate