Microsoft оваа недела ги објави своите финансиски извештаи за последното тромесечје од минатата година. За разлика од Apple коишто повторно имаа рекордни приходи и профит, Microsoft сепак бележи пад на овие ставки.
Кога ќе се земе во предвид позицијата во којашто се наоѓаат, можеби ова и не е толку чудно, па треба да се разгледаат посебните производи за да се дојде до одреден заклучок.
Објавените бројки покажуваат дека скоро сите делови од компанијата, односно нивните производи, бележат раст, освен се разбира Windows Phone. Во последните три месеци од 2015 биле продадени само 4,5 милиони Lumia уреди, за разлика од истиот период во 2014 година кога биле продадени 10,5 милиони уреди.
Ова претставува намалување на продажбите за скоро 50%, поточно за 49% на сектор којшто и така имаше многу мали продажби и се очекуваше тоа да почне барем малку да се менува во позитивен правец.
Сепак, кога ќе се земе во предвид долгиот период без нови Lumia уреди, па потоа претставувањето на 950-ките коишто сепак за повеќето не претставуваат доволно голема причина за давање шанса на Windows 10 платформата, можеби и резултатите се очекувани. На ова треба да се додаде и дека Microsoft уште работи на пуштањето на финалната верзија од Windows 10 Mobile, што директно влијае и на бројот на нови апликации, а и уреди од другите производители.
Оваа година ќе биде повеќе меродавна за тоа дали Windows 10 Mobile ќе има некаква шанса на пазарот, па ние не би го донеле пребрзо заклучокот од некои од странските портали, дека оваа платформа е мртва.
Од друга страна, Surface линијата на производи покажува одлични резултатите веќе неколку години. На крајот од минатата година биле продадени уреди во вредност од 1,35 милијарди долари што претставува 29% покачување од претходната година кога приходите од продажбите биле 1,1 милијарда.
Раст во приходите имаат и останатите делови од компанијата како што се Skype, Office 365, Azure и слично.
Генерално приходите на Microsoft се имаат намалено во последната четвртина од 2015 и истите изнесувале 23,8 милијарди за разлика од 26,5 милијарди истиот период претходната година.