Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер пред извесно време  на социјалните мрежи објави повик до граѓаните, со свои предлози, сугестии и искуства, да помогнат за подобрување на пристапот до информациите од јавен карактер и  остварување на подобра комуникација со Имателите, а во насока на градење на потранспарентно општество. Оваа заложба на Агенцијата, наиде на разбирање и поддршка кај голем број граѓани кои испраќаа пораки, коментираа и споделуваа свои искуства и предлози, а истите се  објавени и на Фејсбук страната на Агенцијата.

Како најинвентивен и корисен, беше оценет предлогот кој го сподели Иван Дургутов, според кого, креирањето на мобилна апликација несомнено ќе ја олесни и забрза комуникацијата со имателите на информации од јавен карактер, што пак ќе придонесе и за градење на потранспарентно општество.

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер денеска му се заблагодари на младиот Дургутов за неговото учество и придонес во градење потранспарентно општество, доделувајќи му таблет.

„Моето искуство во однос на комуникацијата со имателите на информации од јавен карактер е обемно, но истовремено и различно, од случај до случај. Од тие причини сум  на мислење дека изготвувањето на една мобилна апликација  ќе им овозможи на барателите поедноставна и побрза комуникација со службените лица кај имателите на информации. Сметам дека мојот предлог за подобрување на нивото на комуникација со имателите преку создавање и користење на мобилна апликација има и своја додадена вредност, зашто дополнително ќе придонесе за подигање на свесноста и заинтересираноста за информациите од јавен карактер кај младата популација која предничи во употребата на технолошките придобивки и алатки на модерното време“, рече Дургутов, во разговорот со директорката Бојчева.

Инаку оваа активност беше дел од кампањата „Избери Интегритет“ , во која под хаштагот #SakamDaZnam, Агенцијата  реализираше бројни активности со цел да информира, едуцира и да ја подигне свеста на граѓаните за остварување на нивното право на пристап до информациите од јавен карактер со што граѓаните ќе имаат увид во работата на институциите и ќе стимулираат транспарентност на институциите во извршувањето на нивните активности. Кампањата е во рамките на ИПА 2 проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација“ финансиран од ЕУ.

Претходна статијаNetflix го доби својот прв македонски филм
Следна статијаПовеќе од 9.000 родители бараат избор при носење маски во училиштата