Header_FINAL._V290047254_

За некои луѓе (вклучувајќи ме и мене) читањето книги во електронска верзија е супериорно во однос на печатената. Брзината на читање, можноста за одбележување, коментирање (без да се плашите дека ќе ја исполните книгата како сликовница), споделување на текст и коментари… Сето тоа е нешто недостижно во „старомодните“ изданија.

Од друга страна, многу други луѓе (барем одприлика 60% од тие кои ги знам) претпочитаат „старомодна“ книга, испечатена и донесена во физичкиот свет. Зошто? Ми изгледа дека најспомнуваната причина е „… абе кога ќе ја отворам, мирисот на книга… тоа е тоа“.

Како и да е, за да ги задоволи и двете категории на читатели Amazon ја отворија својата прва Amazon Books продавница во Сиетл, САД. Целата продавница е конципирана за пронаоѓање и читање книги и друг печатен материјал како списанија и стрипови.

Нормално, Amazon сака внатре да ги спои двата света, па затоа ако сакате да проверите цена на некоја книга тоа се препорачува да го направите преку мобилната апликација. Таа може да ви даде и насока каде да ја најдете одредена книга во физичка копија, како и кои книги постојат во продавницата.

IMG_6937-980x653

Amazon направиле и курација на содржината, па одбрале за вас „препорачани“ книги според видовите на рецензии од нивната веб-страница. Интересното е што многу од коментарите и рецензиите од корисници се објавени покрај книгите на ливчиња, нешто што има потенцијал да изгледа делумно смешно.

Цената на книгите е иста со цената онлајн, а Amazon вели дека имаат планови за градење на повеќе вакви продавници. Сепак, некои имаат измешано мислење за Amazon Books поради неколку негативни карактеристики – внатре е прегласно, постојано треба да се ѕверите во телефонот за да дознаете корисни информации за книгата пред вас, означувањето и навигацијата внатре е тешка, а преминот од виртуелен во физички свет и обратно не е најсреќно изведен. Тоа се барем коментарите на Сем Мачковеч од ArsTechnica.

Останува да видиме дали овој концепт ќе им успее на Amazon или ќе биде прилично скап експеримент.

Извор: ArsTechnica, Yahoo, Innovative Retail Technologies

Фото: Amazon, ArsTechnica

Претходна статијаLytro Immerge е камера која може да го снима најреалното виртуелно видео
Следна статијаFacebook со 8 милијарди прегледи на видеа и 1 милијарда активни корисници дневно