sharing-logos

Кога класичните либерали во 17-ти век ја граделе својата филозофија за слободно општество тие пред се ги поставиле етичките принципи врз кои треба да се изгради оваа нова хумана, слободарска визија на живеење. Слободниот пазар и либералното политичко-правно уредување е граден и воспоставен како морално супериорен систем (дури подоцна дошле оправдувањата на овој систем со аргументите за ефикасност).

Основниот принцип врз кој е изграден моделот на класичните либерали – а оттука и модерната пазарна економија – е принципот на мирољубивост. Накратко, секој поединец (за прв пат во историјата на човештвото во класичниот либерализам се појавува организирана политичка мисла во која во фокусот го поставува поединецот и неговите слободи како централен елемент) има право да го живее сопствениот живот слободно, непопречуван од било кој друг, вклучувајќи ја особено Државата, освен во ситуации кога тој/таа наштетува на туѓ имот и/или физички интегритет. Едноставно кажано, се треба да биде дозволено што е мирољубиво и доброволно прифатено од засегнатите страни и во вакви „доброволни консензуални односи помеѓу возрасни поединци“ (Р. Нозик) никој трет нема легитимитет да се вмешува.

Во економијата филозофијата на слободата класичните либерали воглавно ја одразувале преку фразата laissez-faire: ниски даноци и давачки, нема субвенции или пак царини, а скраја да е да има јавни монополи или пак регулативи кои ја гушат економската слобода; слободна економија во која Државата ја обезбедува рамката (!) во која фирмите и поединците слободно ќе соработуваат и тргуваат меѓусебно, непопречувани од било кого (освен од оние права и обврски кои доброволно ги прифатиле). Или како што велел Милтон Фридман, парафразирано, Државата треба да биде судија, а не главен напаѓач во економијата.

Зошто целиот овој вовед на тема „тајната на успехот на кооперативниот капитализам“ (познат и како sharing economy или пак peer-to-peer economy)?! Ако внимателно се следи успехот на Uber, Airbnb, старт-апи кои веќе ги претставив на Smartportal, или пак компаниите како Lending Club, Cargomatic, Honest Building, oDesk, итн., ќе се забележи дека сите делат иста карактеристика.

Да објаснам.  Сите горенаведени старт-апи, и многу други слични на нив, го постигнаа својот успех креирајќи пазар за одредена област, без разлика дали станува збор за такси услуги, смештај, позајмување, логистика на транспорт или пак размена на креативни вештини. Тие, користејќи ја модерната технологија – пред се Интернетот и „паметните телефони“ – обезбедуваат рамка во која засегнатите страни се слободни да соработуваат меѓу себе, по свои термини (кога TaskRabbit, веб-сајт за аутсорсинг на секакви обврски, воспостави фиксни цени за обврските по час, ограничувајќи ја слободата на корисниците да се нагодуваат за цените, беше мета на голем број негативни реакции на корисниците, па и дел од нив се исклучија од сајтот).

Она што треба да го постигне Државата во слободните општества, според класичните либерали и нивните наследници денеска, либертаријанците, го остваруваат всушност овие старт-апи. Накратко, тие креираат мали слободни пазари каде што обезбедуваат „инфраструктура и рамка“ за размена и алатки со кои се минимизираат сите можности за измама. Останато е оставено на корисниците.

На крај, се се повеќе и погласно се поставува легитимно големо политичко прашање: дали регулаторната функција на државата станува излишна со развивање на моделот на кооперативен капитализам?! Да се потсетиме на почетокот од овој текст: оваа улога на Државата никогаш не беше ни потребна (дури се смета и дека создава нус-ефекти и е склона кон корумпирање и пикирање победници и губитници на пазарот) ни во слободното општество на кл.либерали и либертаријанците. Дали модерните смарт-апи само го потврдуваат ова на свој, модерен начин?!

Претходна статијаПритисокот врз Сноуден се зголемува – екипата позади „Citizenfour“ тужена за милиони долари
Следна статијаThe Pirate Bay одбројува до 1-ви Февруари, дали е можно официјално враќање на страната ?