Македонски Телеком бележи позитивни трендови во работењето во 2018 година. Приходите од продажба на крајот од 2018 година бележат зголемување за 2 отсто, зголемена е профитабилноста, а компанијата континуирано има пораст на бројот на корисници  на широкопојасен интернет и во IPTV сегментот. Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) на крајот од 2018 година е зголемена за 3,3 отсто во споредба со претходната година, додека нето добивката за 2018 година бележи раст од 2,5 отсто.

Пораст на корисници на широкопојасен интернет и IPTV, ширење на оптичката мрежа

Во 2018 година, компанијата бележи позитивен тренд на движење на корисниците на широкопојасен интернет. На крајот од 2018 година, вкупниот број на корисници  на широкопојасен интернет изнесува 196,3 илјади и е зголемен за 1,2 отсто споредено со претходната година.
Продолжи трендот на зголемување и на IPTV корисници (вклучувајќи Magenta 1, Интернет&ТВ и други ТВ услуги) за 9,3 отсто во споредба со претходната година што резултира со база од 128,4 илјади корисници на крајот од 2018 година.
Воден од идејата да им ја донесе најнапредната технологија поблиску до граѓаните, Македонски Телеком продолжи со инвестициите во оптичката мрежа, со што се бележи пораст од 7 отсто на семејствата покриени со оптички пристап, споредено со истиот период од минатата година. Токму како резултат на континуираното ширење на оптичката мрежа, 31 отсто од домаќинствата во Македонија на крајот од 2018 година имаат пристап до оптиката од Македонски Телеком и можност за користење на супер брз интернет.

Зголемен уделот на претплатници во мобилната мрежа, пораст на приходите од неговорни услуги

Во 2018 година, Македонски Телеком го зголеми уделот на претплатници на мобилна телефонија. Па така, на крајот од 2018 година компанијата има 1.206 илјади претплатници или удел од 49,7 отсто на пазарот на мобилната телефонија, според интерна проценка. Приходите од неговорни услуги на крајот од 2018 година се зголемени за 11 отсто во споредба со претходната година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем GPRS сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели.

„Во 2018 година остваривме одлични финансиски резултати. За прв пат забележавме раст на приходите на годишно ниво во однос на претходната година. Успеавме да го зголемиме уделот на постпејд претплатници во сопствената мобилна база како резултат на атрактивните понуди во текот на целата година. Нашата посветеност за раст на фиксниот сегмент и ексклузивните ТВ содржини, придонесе за раст на корисниците на фиксен широкопојасен интернет и зголемување на бројот на IPTV корисниците. Изминатата година одбележавме 10 години од воведувањето на уникатната Max TV услуга на пазарот, којашто низ годините ја усовршивме и надоградивме согласно потребите на нашите корисници. Се радувам што повторно ја потврдивме позицијата на оператор со најдобрата мрежа во Македонија и го добивме P3 сертификатот, меѓународно признание за квалитетот на мобилната мрежа. Затоа и годинава остануваме фокусирани на обезбедување врвни технолошки решенија со коишто ќе го предводиме процесот на дигитализација на општеството. Се разбира, ќе продолжиме со инвестициите во мрежата како предуслов за воведување уникатни производи и услуги со цел да ги задоволиме потребите и интересите на секој наш корисник поединечно, коишто ги диктира современиот и динамичен начин на живот“, изјави главниот извршен директор на Македонски Телеком, Никола Љушев.

Претходна статијаSamsung воведува три нови уреди за носење кои допринесуваат кон балансиран и поврзан начин на живот
Следна статијаSamsung ја открива иднината со цела нова мобилна категорија: воведување на Galaxy Fold