Законодавците од САД се сомневаат на поврзаност помеѓу технолошките гиганти Huawei и ZTE со владата на Народна Република Кина. Ваквите врски имено, претставувале потенцијален безбедносен ризик врз владата но и самата држава САД.

Претставникот на Тексас во Претставничкиот дом на САД, Мајк Конауеј минатата недела дури излезе и со закон кој се однесува на ова прашање. Со овој закон, на комплетната администрација на Владата на САД  ѝ се забранува купување и користење на мобилни уреди од овие два производители. Нивните производи се сметаат за закана по националната безбедност, а ризикот го зголемува ширењето на овие бизниси низ државата. Според Конауеј кој цитира извори од разузнавањето овие две компании споделувале информации кои се однесуваат на безбедноста со кинеската влада и лидери.

Законот кој го предлага претставникот од Тексас е дел од пакетот мерки насочен кон хардвер и софтвер од странско производство. Претходно на мета беше рускиот производител на софтвер за безбедност Kaspersky Lab. Ниту споменатите две компании не привлекуваат внимание прв пат. Во неколку наврати претходно во 2010, ’11 и ’13-та година Huawei и ZTE беа дел од расправите на разни безбедносни комисии во обата законодавни дома на сад.

Многу е веројатно дека новата администрација на САД под водство на Трамп всушност води дипломатска војна со Кина. Безбедносните структури на САД се едни од најорганизираните и најраспространетите во светот. Тешко е некој да се убеди дека нивната влада е шпионирана само со помош на уреди од кинеско производство. Кина се повеќе се наметнува како рамноправен светски лидер и чинител на мултиполарниот свет. Ваквите закони всушност се дипломатска порака, многу повеќе одошто се насочени директно кон Huawei и ZTE.

Извори: TheVerge, TechCrunch

Претходна статијаAI алгоритам на Alibaba победи човек во тест за читање и разбирање
Следна статијаСребрени медали за Петар Заборски и Моника Пендаровска и бронза за Анѓела Мојсовска на турнирот во Самобор