Amazon е најголемиот онлајн продавач во светот, кој што се прочу продавајќи книги, по што ја прошири работата на скоро секаков вид на производи, со што стана конкуренција на голем број на продавници. Со денешната технологија и начинот на работа, на ваквите компании кои што нудат скоро се што може да се купи, на најразлични начини, не им останува ништо друго освен да го усовршуваат своето работење во борбата за нови, а пред се задржување на постоечките клиенти. Тука голема улога игра брзината на доставувањето на пратките.
После претставувањето на можноста за користење на безпилотни летала за доставување на пратките, сега Amazon размислува за искористување на огромната база на податоци со која што располага за предвидување на нарачките на корисниците. Се работи за патент на метод за предвремено испорачување на пратки со кој што пратките би биле испорачувани уште пред корисникот да ја направи нарачката.
Овој систем би работел врз основа на претходно направените нарачки на корисниците, пребарувањата на производи, листата на желби, содржината на кошничката, вратените производи, како и следењето на курсорот на корисникот, односно времето кое што тој е поставен врз одреден производ. Преку анализа на овие податоци од страна на алгоритам, системот би предвидувал што одреден корисник би можел да нарача следно. Потоа таа нарачка ја пакува и испорачува во складиштата во областа каде што живее корисникот, па доколку навистина реши да го нарача предвидениот производ, истиот за многу кратко време би му бил испорачан.
Сепак овој систем може да предизвика испорачување на пратки што нема да бидат нарачани, па од Amazon планираат тоа да го решат преку давање на таа пратка како подарок или слично.