Прво нешто што морам да го спомнам е дека овој филм заслужува да се гледа во кино. Визуелните ефекти се неверојатна глетка и ги заслужуваат сите награди што можат да ги добијат.

Но, Одмаздници: Завршница има многу повеќе од само извонредни визуелни ефекти. Тоа е одличен филм сам по себе и еден од најдобрите суперхеројски филмови воопшто снимени.

Одмаздници трае околу три часа, а тоа најмногу се чувствува во првиот дел од филмот, кој е бавен и нема многу акција. Тоа е очекувано ако се знае како заврши претходниот дел (Infinity War). Луѓето се борат со последиците од бришењето на 50% од живите нешта на планетата Земја (и универзумот).

Оние ликови што преживеаа (или што не се исчезнати) се обидуваат да продолжат со своите животи, но не можат да ја прифатат загубата и се обидуваат да ја исправат нанесената штета. Со помош од Капетан Марвел, го лоцираат Танос (ги употребил камењата на друга планета). По краток разговор во кој тој им открива дека ги употребил камењата за да ги уништи, Тор му ја отстранува главата од рамениците со брз потег со својот чекан/секира.

Потоа повторно безнадежност. Во овој дел од филмот навистина не ми беше јасно каде ќе оди приказната. Пет години подоцна ги гледаме познатите ликови во ситуација на очај. Ајронмен започнал своја фамилија. Капетан Америка оди на состаноци за справување со животни трауми, а Хокај лови и убива криминалци и мафијаши низ цел свет.

Сепак, сламката за спас се појавува кога Ентмен ќе биде спасен од стаорец (нема логика ниту кога ќе го видите ова). Ако се сеќавате, Ентмен беше еден од оние што беа истребени во претходниот дел. Неговото повторно појавување влева надеж кај хероите дека постои шанса да ги вратат исчезнатите.

Одмаздниците повторно се обединуваат во една финална мисија: да се вратат во минатото и да ги украдат сите шест камења (infinity stones) спречувајќи го Танос да ги собере сите и на тој начин да влијаат на сегашноста преку менување на минатото.

Интересни моменти со ликовите

Интересно е да се гледа како дел од ликовите се справуваат со настаните од претходниот дел. Тоа особено важи за Тор, кој од ripped полу-бог се претворил во алкохоличар со пивски стомак кој постојано има панични напади. Не сме навикнати да го гледаме во вакво издание, но интересно е што режисерите одбрале да прикажат дека не е потребно совршено суперхеројско тело за да се бориш за спас на човештвото. Покрај тоа, Крис Хемсворт е еден од посмешните актери во целиот серијал, па одлично го глуми својот лик во различни сетинзи и карактерни состојби.

Брус Банер и Хулк станале едно. Односно, ликот цело време го има телото на Хулк, но карактерот на Брус Банер, кој конечно се има помирено со двете свои страни налик Џекил и Хајд.

Тони Старк си е Тони Старк. Тој е главниот двигател на приказната, а целата акција започнува со него – тој го „провалува“ патувањето низ времето давајќи им можност на Одмаздниците да се враќаат во клучни моменти од минатото.

Последната битка помеѓу армијата на Танос и војската на хероите е ништо помалку од спектакуларна. Почнува со траорната атмосфера кога на земјата се спуштаат десетици илјади чудовишта од други димензии што сме ги виделе во речиси сите Марвел филмови. Таа атмосфера се претвора во надежна кога на сцена стапуваат сите ликови што исчезнаа во Infinity War заедно со своите војски. Тоа ја поставува сцената за борба што изгледа неверојатно.

Она што ме изненади е што филмот е исто така и трогателен. Те тера да почувствуваш нешто, што не може да се каже за другите делови на Одмаздници, дури ни за претходниот. Смртта на еден од главните ликови е совршено изведена од глумецот и одлично се вклопува во целата приказна. Тој се жртвува за сите да преживеат.

Одмаздници: Завршница е одличен крај на епската приказна за суперхероите кои се борат за да го спасат човештвото од истребување. Заедно со претходниот дел, во целина мислам дека се двата најдобри филмови воопшто направени од Марвел. Топло препорачувам.

Претходна статијаДали Apple пушти скриена информација дека новите iPhone-и ќе се полнат преку USB-C порта?
Следна статијаСара Мисајловска ќе ја претставува Македонија на светскиот натпревар во Adobe Certified Associate во Њујорк