Во последно време во САД постои голема загриженост – барем во круговите околу Трамп – дека Кина ги престигнува САД и дека полабавите етички и демократски стандарди како и централизацијата на моќ им овозможува побрзо и полесно да носат одлуки. Одличната организација Center For Data Innovation објави неодамна извештај каде што се обидуваат да дадат одговор на прашањето од насловот на колумната. Исходот од оваа трка ќе влијае врз идниот економски и политички развој и позиционирање на ова трио.

Врз основа на 6 индикатори кои се истражуваат во Извештајот – талент, истражување, развој, усвојување на технологијата, дата и хардвер – САД е лидер во трката се’ уште без конкуренција со 44.2 поени од 100. На второто место е Кина (со 32.3 поени), а ЕУ каска позади (со 23.5 поени).

САД се лидери поради неколку причини: (1) најголем број на стартапи кои работат со ВИ и со најголема поддршка во смисла на пари и капитал; (2) развој на компјутерски чипови кои ги напојуваат ВИ системите; (3) во просек, најдобар research (најдобро рангирани истражувања), и (4) најголемите умови за ВИ се во САД.

Кина напредува со брзо темпо бидејќи има пристап до најголем број податоци (број на население + автократија без контрола и систем на заштита на човекови права*), што е всушност храна за ВИ која учи самата од обработка на податоците. Сепак, Кина каска со таленти и позади САД и позади ЕУ, додека пак целиот тромав, пререгулиран, конзервативен економски модел на ЕУ е кочница и за ВЕ. На пример, само за една година во Кина и САД има повеќе финансирани стартапи него за три години во ЕУ иако ЕУ има огромен број на истражувачи во ова поле и објавени трудови кои сепак не резултираат во бизнис идеи.

Што значи ова за нас? Во одредени области – здравство, образование, итд. – сите „статисти“ ќе имаме корист од оваа трка на најголемите (не е трка до дното!). Дополнително, тој што ќе победи тој ќе има стратешка предност во технологија, финансии и воена подготвеност/национална безбедност. На Македонија стратешки партнер и е пред се САД. Најголема ќар – безбедносна и сеопшта – би имале ако оваа трка ја добијат токму Америте (особено што се чини ЕУ дека немаат шанса).

Сепак, нека победи најдобриот.

*Иако постои мислење дека авторитарните општества можат полесно да ги хранат софтверите за ВИ со податоци (поради интрузивноста во приватноста на граѓаните и немањето checks & balances на централната моќ), постои сет од механизми кои можат всушност да ги засилат најголемите слабости на овие уредувања, да зголемат тенденција за носење лоши одлуки, итн. Повеќе за овој аргумент видете ја оваа одлична анализа.

Претходна статијаSamsung во 2019 година го приближува светот со 5G мрежата со тоа што испорачува повеќе од 6,7 милиони Galaxy 5G уреди
Следна статијаЛинкови од разни ќошиња на интернетот (#13)
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.