(Содржи спојлери)

Последниот хорор филм што го гледав е Hereditary. После тоа трауматично искуство, паузирав од хорори. Се до пред некој ден кога го гледав IT Chapter Two. Се сеќавам на морничавиот кловн уште од детството, кога на телевизија постојано ја даваа минисеријата од 1990 година.

Кога излезе првиот дел од римејкот (2017), со колегата Едвард Кардељ Јр се упативме кон Синеплекс да видиме што има да понуди. Голема грешка. Со нас во киносалата беа неколку десетици средношколци кои тотално несериозно го сфатија филмот и се смееја на секои пет минути. Тоа го направи нашето искуство помалку морничаво. А филмот беше одличен и можам да замислам како би го доживеал кога би го гледал доцна навечер во празна кино сала.

Поучени од претходната грешка, со Едвард го гледавме вториот дел во токму такви услови. Освен нас, во Кино Милениум беа уште седум-осум посетители. Единственото нешто што ми сметаше во текот на гледањето – но се навикнав како што течеше филмот – беше неквалитетното озвучување во Милениум.

IТ Chapter Two продолжува 27 години после случувањата во првиот филм. Децата од Клубот на Губитниците се пораснати и одамна отселени од гратчето Дери во кое здружени го победија Пенивајз. Сите освен Мајк, кој останува дома сите овие години. Токму Мајк ги повикува сите „Лузери“ да се вратат дома, откако ќе забележи дека Пенивајз полека повторно се појавува на површина. Нови исчезнати деца и смртни случаи, сите посочувајќи на отпечатокот на Пенивајз.

Лузерите се враќаат (сите освен Стенли), и Пенивајз не губи време да ги потсети на старите добри времиња. Во една интересна сцена во кинески ресторан, Лузерите пијат и се гоштеваат потсеќајќи се на времето кога биле блиски пријатели. Во еден момент Пенивајз им приредува еден прилично морничав „пренк“ и тогаш тие се враќаат назад во реалноста, насетувајќи ја опасноста што им претстои.

Доброто

Глумата. Ако може едно нешто да се каже со сигурност, тоа е дека кастингот е фантастичен. Сите глумци се многу вложени во нивните улоги и се одлично избрани како пораснати верзии на ликовите од првиот дел (Ед е особено погоден). Џејмс Мекавој е стандардно одличен во се што ќе се појави. Особено би го издвоил Бил Хадер (Ричи). Неговата глума е беспрекорна во филмот, доловувајќи го сарказмот и цинизмот на малиот Ричи, овој пат во постара верзија. Од сите ликови, само за него се дознава и нешто ново во вториот дел.

Пенивајз. Бил Скарсгард е откровение. Начинот на кој го толкува Пенивајз прави да помислите дека ниту еден друг глумец нема да може да заврши толку добра работа. Скарсгард Е Пенивајз. Начинот на кој зборува, на кој се движи со телото е предобар и човекот ги заслужува сите пофалби што ги добива. Самиот има изјавено дека секоја сцена од него бара 100% енергија и дека му олеснило што можел да се збогува од еден толку многу „тежок“ лик (иако се зборува дека ќе се врати за приквел).

Сите сцени во кои се појавува Пенивајз. Следејќи ја претходната точка, сцените во кои е Пенивајз се највозбудливите. Нормално, сцените во кои лови деца се најморничави и впечатливи. Особено една сцена во која намамува девојче под трибините на еден спортски натпревар. Или пак сцената од трејлерот во која се обидува да дојде до детето заробено помеѓу неколку стаклени врати. Језиво.

Лошото

Времетраењето. Филмот трае речиси три часа. Тоа е премногу. Има многу сцени на средината од филмот што се развлечени и мислам дека филмот слободно можеше да трае помалку од два и пол часа. Ова не е deal-breaker, но на моменти гледаш на часовникот и се прашуваш кога ќе се појави Пенивајз.

Повеќето сцени со зомби. Освен сцената со Беверли во станот на нејзиниот татко, повеќето сцени со зомби не се многу морничави. Особено откако ќе се појават и по петти пат по филмот. Не помага ниту тоа што изгледаат повеќе комично отколку страшно.

Недостаток на информации. Покрај визијата која ја имаат Бил и Мајк, во која се покажува како отприлика Пенивајз дошол на земјата, не добиваме повеќе информација за неговото потекло и целта што ја има на земјата.

IT Chapter Two е солиден филм кој вреди да се гледа. Има одлична глума и режија, и неколку сцени со Пенивајз што нема да ви излезат од глава.

Претходна статијаОд каде (ни) е потребата за супер-херои?
Следна статијаДополнителни опции за корисниците на новата Magenta 1