Ако те прашам да помислиш на 10 технолошки компании, голема веројатност е листата да ти изгледа вака: Facebook, Google, Microsoft, Amazon, или стартапи како Uber, Airbnb, SpaceX и (која сакаш додади ја по избор – сигурен сум дека ќе биде не-европска компанија).

Ако те прашам да помислиш на 5 tech компании од Европа … е, ова е веќе друга приказна. Можеби ќе ти текне на „стримерот“ на музика Spotify – ако воопшто знаеш дека е од Шведска – на SAP, ако си од финансиски сектор и … ќе мора да гуглаш за да ја пополниш листата. Поентата ми е дека попрво ќе ти текне на Alibaba, Samsung, или па можеби и на Baidu, отколку на силни ЕУ ИТ гиганти.

Но ајде прво да се вратиме малку назад за контекст.

Веќе е добро познато дека кој ќе научи да го јава бранот на дигиталната револуција ќе има силна основа за одржлив и силен економски развој, кој пак ќе биде неопходен државите воопшто да ги преживеат макроеконските предизвици кои ни висат во блиска иднина. Имајќи предвид дека Македонија оди кон ЕУ и дека Европската унија ни е најголем трговски партнер, нашата иднина е тесно поврзана со развојот во Унијата.

А таму состојбите не се розови. Особено не кога станува збор за технолошки развој.

Имено, ако се исклучи Британија која е во процес на исклучување од ЕУ, а е главен хаб на „дигиталната револуција“ во европски рамки (повеќе од 1/3 од ИТ основачите во Европа живеат во ВБ),  учеството на ЕУ во World Technology Index е некои очајни 5%. Истовремено пак, ЕУ се’ уште е втора најголема економска сила на светот (~20% учество во глобалниот БДП, без ВБ).

Иако на годишно ниво, ЕУ раѓа нешто повеќе од половина „еднорози“ (стартапи кои се вреднувани над 1 милијарда долари) него што се формираат во САД, сепак во однос на вкупна вредност сликата е ужасно лоша за Европа. На пример, во вкупната капитална вредност на „еднорозите“ во Европа е ~150милијарди долари. Само Facebook има капитална вредност над 200 милијарди долари! Истовремено, од топ 25те универзитети за информатичка технологија, 18 дури се во САД.

Иронично е што голем број од „opinion мејкерите“ мислат дека решението е во поголема инволвираност на Државите со финансии, програми, итн. Од друга страна пак, многумина упатуваат на тоа дека токму преобемниот регулаторен обем преку кој веќе Државата игра голема улога на пазарите во Европа е еден од посериозните проблеми (особено со последните неколку закони за приватност, заштита на лични податоци, итн.).

Што и да е проблемот, едно е јасно – ЕУ има слабо тло под нозе за влез во иднината. САД неприкосновено го држат врвот, а единствени кои им се некаква конкуренција се азијците (Кина, Јапонија, Тајван, итн.) а не Европа.

Што значи ова за нас?! Не многу на што можеме да влијаеме. Можеби лекција дека треба повеќе да се обидуваме да создаваме ИТ врски со САД него со ЕУ (како што тоа го правиме во одбраната). Секако, ова е подлабока тема за размислување. Некоја идеја?

Претходна статијаHuawei организира Натпревар за мобилна фотографија Next Image во земјите на Централна и Источна Европа
Следна статијаGoogle е казнет: што понатаму?