Потенцијалните проблеми кои се поврзани со литиум-јонските батерии ни се познати на повеќето веќе подолго време. Тука се и неколку познати случувања кои направија да оваа „опасност“ биде масовно позната.

Во основа, се работи за можноста за дестабилизирање на батериите по што може да дојде до нивно запалување и експлозија. Ова е нешто што сигурно не би сакале да се случи за време на лет, а посебно ако тоа доаѓа од повеќе стотици батерии кои се транспортираат во патнички авион.

Американското Министерство за транспорт, како и познатата FAA, односно Федерална администрација за авијација, донесоа промени во правилникот за опасни материјали.

Промената донесува забрана за транспорт на литиум-јонски батерии на патничките авиони, а тие исто така треба да бидат наполнети до максимум 30% кога се пренесуваат со транспортните авиони.

Целта на овие промени е јасна, односно треба да го тргне ризикот којшто е поврзан со батериите, а посебно од патничките авиони.

„Ова правило ќе ја засили безбедноста за патувачката јавност преку справување со уникатните предизвици кои се поврзани со транспортот на литиумските батерии.“ – истакна министерот за транспорт на САД, Елејн Л. Чао.

Патниците и понатаму ќе можат да си ги носат своите уреди во кабината, како и дополнителните батерии, односно оваа одлука не ги засега нив директно и лично.