Паметните часовници не успеаја да ја добијат очекуваната популарност. Тие се продаваат во милионски количини, меѓутоа далеку од тоа што се очекуваше кога почнаа да се продаваат првите модели.

Главната причина најверојатно е батеријата. Како корисници веќе имаме по неколку уреди кои треба да ги полниме, а се разбира тука е мобилниот телефон којшто го полниме еднаш во текот на денот, најмалку.

Вредноста која ја нудат паметните часовници изгледа се’ уште не е доволна за да се оправда додавањето на уште еден уред кој треба да го полниме. На ова треба да се додаде и цената која е во рамките на подобар мобилен телефон.

Apple сепак сака да им ја даде таа додатна вредноста на овие мали уреди, па корисниците да имаат причина зошто да ги купуваат.

Начинот на којшто тие планираат да го направат тоа е преку додавање на медицинска вредност на часовниците. Тие и така веќе ги имаат повеќето сензори достапни во мобилните уреди, па истите во комбинација на соодветен софтвер, може да измерат доста вредности.

Фактот што часовникот е цело време на нашето тело, за разлика од мобилните кои треба да ги држиме за одредени мерења, ги прави многу попогодни за оваа намена.

Веќе можевме да прочитаме дека Apple Watch може да се користи за откривање на нерегуларности во срцето, како и за откривање на спиечка апнеа.

Според извори на Bloomberg кои како и обично остануваат анонимни, Apple сака овие уреди во иднина да ги направи посериозни медицински алатки. Според информациите, некоја од идните верзии од Apple Watch ќе може да се користи како EKG апарат.

За таа цел корисниците ќе треба да ја притиснат рамката на часовникот со два прста, по што мала електрична струја би била пуштена со цел мерење на работата на срцето.

Поради фактот што часовникот би бил цело време достапен на корисникот, мерењата би можеле да се прават многу почесто, а со тоа да се овозможи многу порано откривање на повеќе срцеви заболувања.

Изворите не потврдуваат дека оваа функција на Apple Watch сигурно ќе биде пуштена, односно истата може да биде и откажана.

Извор: ZDNet, Bloomberg, Digital Trends

Претходна статијаПретставени нови правила за побезбедни лозинки
Следна статијаGaming-от ќе се вброи во листата ментални пореметувања
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.