Тоа што паметните часовници ги носиме цело време на нашите раце, отвора нови можности за нивна употреба, како на пример за рано откривање на некои нерегуларности во нашиот организам. Така, преку постојано следење на отчукувањата на срцето, Apple Watch сега може да открие и нерегуларности, кои би можеле да донесат и до сериозни последици по здравјето на човекот.

Поточно, Apple во соработка со Универзитетот од Стенфорд, направи ново истражување за тоа како може Apple Watch да се користи за рано откривање на атријална фибрилација, болест која е поврзана токму со нерегуларности во отчукувањата на срцето и може да доведе до тешки последици, како на пример срцев удар.

Засега, Apple Watch не може да даде точна дијагноза за тоа дали корисникот има атријална фибрилација, но може да предупреди дека има нерегуларности во отчукувањата на срцето. Ова би можело да биде од огромна помош на оние кои никогаш не биле на испитување на срцевиот ритам, односно кога биле не се појавиле нерегуларности – да потсетам, часовникот е цело време на раката на корисникот и константно го следи ритамот на срцето.

Ова не е прв пат Apple Watch да се користи за откривање на нерегуларности во организмот на човекот. Преку апликацијата Cardiogram, која ги користи сензорите на Watch но има цел компјутер со вештачка интелигенција наречен DeepHeart позади неа, може да се откријат и „хипертензија“ и „спиечка апнеа“. Според сето ова, паметните часовници можеби и не се толку бескорисни колку што претходно мислевме.

Извор: Tech Crunch, Mobi Health News, Deccan Chronicle

Претходна статијаSamsung W2018 е импресивен смартфон на преклоп од високата класа
Следна статијаGoogle ќе ги означува апликациите кои собираат податоци, а не ги известуваат корисниците за тоа