Паметните часовници дефинитивно не станаа популарни како што се очекуваше и многу производители дури и престанаа да развиваат нови модели. Сепак, тоа не значи дека тие не можат да најдат примена во секојдневниот живот.

Напротив, ваквиот тип на уреди може да се користат за рано откривање на најразлични типови на болести благодарение на сензорите кои ги поседуваат, а одличен пример за ова е новото истражување од здравствениот стартап Cardiogram и Универзитетот на Калифорнија Сан Франциско.

Во ова истражување, научниците покажаа како може да се користи најпопуларниот паметен часовник Apple Watch за откривање на хипертензија (висок крвен притисок) и спиечка апнеа (паузирање во дишењето во текот на спиењето поради висок крвен притисок). Часовникот може да ги погоди овие болести со исклучително висока точност – 82% во случајот на хипертензија и 90% во случајот на спиечка апнеа. Раното откривање на овие болести е исклучително важно, особено во случајот на спиечка апнеа, која може да доведе и до смрт во текот на спиењето.

Истражувањето инаку било направено на 6.115 луѓе, кои ја тестирале Cardiogram апликацијата на подолг период. Од луѓето кои ја тестирале, било откриено дека 1.016 имаат спиечка апнеа и дури 2.230 имаат хипертензија. Апликацијата инаку го користи само сензорот за отчитување на отчукувањата на срцето, што значи дека би можела да се користи во скоро сите паметни часовници. За преработка на самите податоци пак научниците имаат развиено специјални алгоритми со машинско учење наречени DeepHeart AI, кои се вградени во самата апликација.

Доколку ваквиот тип на апликации продолжат да се развиваат, носењето на паметен часовник можеби веќе нема да биде „модерно“, туку ќе стане реална потреба доколку сакаме да го зачуваме нашето здравје и навремено да се информираме за евентуални неправилности и болести во нашиот организам.

Извор: TechCrunch, Gizmodo, Engadget

Претходна статијаЗапочнаа пред-нарачките на Huawei Mate 10 Pro
Следна статијаLockheed Martin лансира егзоскелетон кој ќе помага на војниците да носат многу потежок товар