usb-type-c

Оние што барем малку повеќе ја следат технологијата последнава година, знаат дека поновите мобилни уреди, но и лаптопи и десктоп компјутери, го користат новиот USB Type-C интерфејс, кој дозволува ултра брз пренос на податоци, многу побрзо полнење на батериите, можност за приклучување на надворешен дисплеј, како и симетрична порта, која нема да може да ја згрешите кога ќе го приклучувате кабелот. Во превод, USB на стероиди.

Како и со секој нов стандард, “no name” производителите први излегоа со USB Type-C кабли на Amazon, EBay и другите онлајн продавници, но според првите тестирања на Бенсон Леунг, еден од инженерите кој стои зад новиот Google Pixel C таблет, многу од овие кабли нема правилно да функционираат на вашиот уред и дури може и да го оштетат.

Проблемот се јавува кај оние кабли кои имаат USB Type-C приклучок на едната и USB Type-A или USB Type-B на другата страна, кој е корисен доколку сакате да го приклучите вашиот понов, со некој постар уред кој нема Type-C приклучок. Проблемот е во претворањето на струјата – ваквите кабли мора да имаат специјални отпорници за да ја претворат правилно и да не прават проблем при процесот на полнење или на префрлање податоци.

Лошите кабли не само што нема да го полнат уредот, туку може да предизвикаат и сериозни оштетувања, па затоа, Леунг препорача кои кабли да ги купуваат корисниците. Според неговите тестирања, треба да се избегнат каблите на CableCreation, Monba, Kupx, Juiced Systems, Orzly, и TechMatte. Од друга страна, каблите на Frieq, Belkin, и iOrange се покажале како безбедни, односно функционираат точно каква што им е намената.

Извор: PC World, The Verge

Претходна статијаTesla наскоро ќе го заклучи автопилотот на Model S
Следна статијаLucidCam е VR камера наменета за аматерите