Поседувате Tesla – веќе не сте меѓу „нормалните“ возачи. Прибележано. Поседувате Model S – уште толку. Имате автопилот во возилото – вие не сте од овој свет.
Изминатиов период Tesla испрати надградба на софтверот на Model S. Во надградбата влезе и автопилот за кој од Tesla експлицитно наведоа дека е во бета верзија и дека возачите секогаш треба да имаат целосна контрола врз возилото.
Нормално, некои возачи ја напуштија контролата врз возилото возбудени од новиот автопилот. Тоа за малку ќе резултираше во сообраќајни незгоди снимени на YouTube (веројатно со извадени експлицитни детали).
Поради истото и поради фактот што автопилотот е се` уште климав, Tesla во следната надградба на софтверот некако ќе го заклучи за да не може да се користи на најинтересниот начин. Веројатно заклучувањето ќе изискува возачот да ги држи рацете на воланот цело време додека е вклучен за да се осигура дека ќе внимава и ќе може да реагира по потребата на ситуацијата, како не би се создале еден куп смачкани Тесли по улиците и загинати возачи.
Штета што нема да можеме уште долго време да го обвиниме злобниот компјутерски мозок за казната за брзо возење место нас. Во меѓувреме, прочитајте за овој револуционерен автоматизиран систем за јавен превоз наречен NEXT.
Извор: The Verge, Digital Trends