Минатата недела, на 30. октомври во Камерната сала на Македонската филхармонија се одржа концерт за пијано насловен како Ноктурно за Шопен, кој ќе остане запаметен по неколку основи: изведувачи беа талентирани деца од музичките основни и средни училишта ширум државата, дел од нив за првпат изведуваа пред толкав аудиториум; композициите беа прекрасни ноктурна компонирани од жени-композиторки во чест на Фредерик Франсоа Шопен и инспирирани од богатото творештво во ерата на Романтизмот на овој великан; настанот ја одбележа 175-годишнината од неговата смрт, а публиката доживеа незаборавна вечер исполнета со вулкан од емоции од звуците на пијаното.

Оваа магична приказна се оствари благодарение на професорката по пијано и педагог Билјана Петрова Таковска, која за 17-те композиции кои беа изведени се инспирирала од збирката „22 ноктурна за Шопен од жени композитори“ (22 Nocturnes for Chopin by Women Composers), која настанала како резултат на повик кон сите талентирани, но се уште необјавувани жени композиторки во светот, чии дела за пијано го слават и се инспирирани од маестралниот Шопен, еден од најголемите композитори на сите времиња, наречен поет на пијаното. Централна творечка инспирација и идеал низ животот на Шопен била жената, а денес, 175 години подоцна жените-композиторки творат во негова чест, славејќи ја безвременоста на неговите дела.  

Талентираните деца пијанисти – нашите основци и средношколци, кои под менторство на нивните професори/педагози по пијано на завидно ниво на професионализам премиерно изведоа 17 дела проследени со долги аплаузи и восхит од страна на публиката беа: Марко Марковиќ (ментор Милена Стојановска), Јасмин Настовски (ментор Илија Настовски), Маша Миташева (ментор Слободанка Младенова), Илина Симјановска, Јован Станковиќ, Џеврие Туле (ментор Весна Ангелова Христов), Макарија Иванова (ментор Марија Лазарова), Лука Петковски (ментор Билјана Петрова Таковска), Теодор Стојковски-Катин (ментор Марија Шаламаноска), Лора Мадевска (менторБорис Светиев), Сара Витанова (Самира Мустафаоглу), Златица Лазарова (ментор Благој Јанев), Матеј Зашовски (ментор Маријана Влаисављевиќ), Јулијана Јанев (ментор Славче Величков), Софија Михајловска (ментор Маја Божиновска), Анастасија Петреска (ментор Татјана Божиновска) и Иван Стојанов (ментор Катерина Ќетковиќ Фидановска).  

Промоцијата и поддршката на млади таленти во нашата држава го поттикнува уметничкиот израз, донесува свежи перспективи и иновативност кај младите, го збогатува културниот пејсаж и негува општество кое ја цени креативноста. 

Концертот за пијано „Ноктурно за Шопен“ финансиски го поддржа и овозможи КаСис АД, единствениот процесор од областа на картичното работење, електронска трговија и сертифицирано биро за персонализација на картички.

Претходна статијаНовите одлуки на ЦЕФТА – вистинска поддршка за бизнисите
Следна статијаMozilla Foundation отпушти 30% од вработените и веќе нема да го има одделот за застапување