Google конечно целосно го испорачува она што го вети пред половина година – Android апликации за лаптопите со Chrome OS оперативен систем. Со овој потег софтверскиот гигант ги направи овие лаптопи многу поинтересни за пошироката публика, бидејќи реално единствено што им недостасуваше, покрај подобра поддршка за работење офлајн, беа поголем број на квалитетни апликации.

Android апликациите во меѓувреме беа достапни само во неколку избрани Chromebook модели, но отсега Google ги прави достапни за секој нов уред произведен од сега. На овие лаптопи ќе има инсталирано Play Store, од каде ќе можат да се симнат голем број на апликации, исто како корисниците што тоа го прават со своите паметни телефони или таблети.

Засега Android апликациите не се оптимизирани за работа со маус и тастатура, што може да биде ограничување за некои модели на лаптопи кои немаат дисплеј на допир. Сепак, лично очекувам наредниве неколку месеци голем дел од дивелоперите на популарните апликации да направат промени во апликациите кои ќе го олеснат работењето на лаптоп – Adobe на пример веќе го направи тоа.

Потегот на Google да дозволи инсталација на Android апликации на Chromebook лаптопите доаѓа директно пред уредите со Windows и ARM процесори, кои ќе бидат исклучително конкурентни во поглед на цената, веројатно како никогаш досега. Како и да е, со ова повторно добиваат корисниците – оваа година тие ќе можат да купат корисни Chromebook лаптопи и евтини Windows лаптопи со солидни перформанси и траење на батеријата.

Извор: The Next Web, Android Police, Android Central

Претходна статијаПрвата фотографија од LG G6 покажува мала рамка и заоблени агли на дисплејот
Следна статијаGalaxy S8 нема да биде претставен на MWC во Барселона