Дека Microsoft има нешто поразлични од досегашните планови за Cortana можевме да видиме од нејзиното издвојување од Search функцијата во најновата верзија од Windows 10, односно May 2019 Update. Со ова, исто така, оперативниот систем доби подобар начин за пребарување во посебно за тоа направена функција.

Ова секако не значи дека Cortana веќе нема да биде развивана или дека се намалува нејзиното значење. Баш напротив, новите информации од компанијата покажуваат дека тие работат на тоа да дигиталниот асистент функционира подобро и да може да прави поприродни разговори со корисниците.

Една работа која ќе придонесе за тоа да Cortana подобро и почесто се развива е можноста да „таа“ биде надградувана со нови функции, кога истите ќе бидат спремни, наместо да се чека нова верзија од Windows 10 за да бидат пуштени.

Доказ дека од Microsoft планираат на тој начин да ја развиваат Cortana е појавувањето на посебна апликација, моментално во бета верзија, во Microsoft Store во Windows 10. Апликацијата уште не е достапна за симнување, а се верува дека ќе им биде наскоро достапна на Insider корисниците.

На овој начин, Cortana ќе биде изедначена со својата Android и iOS верзија, па ќе може да се добие унифицирано, редовно надградувано корисничко искуство.

Официјалната верзија од Cortana како апликација во Windows 10 се очекува да биде достапна од идната година, со пуштањето на првата надградба за системот за таа година.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.